Month: April 2017

Литургијата денес

Posted on

 

Светата Литургија, како во првите векови на христијанството така и денес, претставува евхаристиски собир на верниот народ околу својот Творец и Спасител наш Господ Исус Христос. Имајќи ја предвид секогаш истата и вечна цел, Светата Литургија не ја имала отсекогаш истата форма што ја има денес, туку обликот што ние денес го познаваме го стекнала низ вековите благодарение на Светите Отци на Црквата, кои се труделе и посветиле внимание посебно на секој детаљ, ѕидале тула по тула на темелот што Го поставил самиот Господ Исус Христос со цел Светата Литургија да ја добие формата што ја имаме денес.

Образецот на Светата Литургија ни го дал самиот Господ наш Исус Христос на Тајната Вечера, каде што Он во присуството на своите ученици, апостолите, го благословил виното, претворувајќи го во својата Крв, и го прекршил лебот претворувајќи го во своето Тело. Нашиот Господ и Спасител Исус Христос оваа најголема Света тајна, Тајната на Светета Евхаристија им ја оставил на своите ученици, но не само ним туку и на целиот свет како извор на спасението.

Кога зборуваме за Светата Литургија, меѓу Светите Отци на Црквата секако треба да ги спомнеме свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов. Како писци (писатели) на свети литургии, токму тие го продолжиле понатамошното ѕидање, ја обликувале и ѝ ја дале формата на Литургијата, која ние со мали промени и додавања ја имаме денес, а поради нивното залагање и труд, светите литургии денес со право го носат нивното име, кои исто така се читаат на сите отпусти.

Треба да кажаме дека големината и значењето на светите литургии како свети тајни, Тајна над тајните, Тајна на вечниот живот во нашиот Господ Исус Христос се огледува во тоа што сите други тајни  упатуваат на Светата Евхаристија, односно, на Светата Литургија како круна на нашето спасение. Самиот Христос на првиот литургиски собир, на Тајната Вечера, изговорил зборови што станале зборови на востанувањето на Светата Литургија, како дел на епиклезата, за што ни сведочи Светото писмо: „И кога јадеа, Исус  зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: Земете, јадете, ова е Моето тело. И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите“ (Матеј 26, 26-28). Токму на тие зборови се заосновува чинот на Светата Евхаристија.

Сите Свети Отци на Црквата повикуваат на литутургиски собир, не затоа што ние не можеме да се молиме индивидуално дома, туку затоа што заедничката молитва кон Бога е многу посилна и повеќе душеполезна од самостојната молитва. Треба да споменеме дека Светата Литургија е всушност икона и предвкус на вечното Божјо царство каде што исто така сите заедно во идниот вечен живот ќе пееме и ќе го величаме својот Творец како што правиме во овој живот на литургиските собири.

Сите учествуваме на литургискиот собир зашто сите сме заедница и сите заедно правиме едно тело, чија глава е нашиот Господ Исус Христос. Кога зборуваме за значењето на литургискиот собир, тоа е толку големо, зашто спасението и вечниот живот можеме да ги здобиеме во зедница со Бога преку Светата Литургија, и без Евхаристија станува бесмислено дури и да се зборува за какво било спасение и живот вечен. Ова е многу важно, зашто целта на нашиот живот и на нашето постоење на земјата е обожувањето, но по Божјата благодат, а благодатта можеме да ја здобиеме само на литургиски собир со искрено покајување и причестување со Крвта и Телото на Господ Исус Христос.

Исто така, Светата Литургија претставува место каде што ќе пронајдеме мир на нашето тело и душа, зашто сосема е природно да чувствуваме топлина и спокој во близина на својот Творец, Исус Христос, а Неговото присуство е најсилно на Светата Литургија. Знаеме дека се тешки времињата во кои живееме и дека пред себе сѐ повеќе ги ставаме овоземните минливи цели, а го забораваме она што ни е вистински потребно и неопходно. Да се обидеме да забораваиме на работите од минливиот живот и да се свртиме кон светлината на вечниот живот, кон нашиот Господ Исус Христос, кој се овоплотил од преголема љубов кон нас, ги зел сите наши гревови и се принел себеси како жртва, а нам ни оставил залог на вечниот живот, Светата Литургија.

Подготвил:

Петар М. Петковски,

дипломиран теолог