Month: February 2017

Тргај се од злото и прави добро

Posted on

%d0%b2%d0%be%d0%bb%d1%98%d0%b0

Христијанинот, кога еднаш ја прифатил верата во добриот Бог, Кој сè создал и сè му дал на човекот на користење за негово добро, Кој се грижел и грижи за човештвото и за секој поединечен човек, за мене, за тебе, и за сите нас, таа вера ја изразува преку трудот да стане сличен на Исуса Христа, на Бога. На тој начин ги следи поуките на единствениот Учител, Кој вели: „Поучете се од Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29); или: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 48), и сл. Меѓутоа, сите знаат дека совршенството за човекот е недостапно и дека ниеден човек не е совршен! Но, од друга страна, Учителот Господ Исус Христос вели – за човекот тоа е невозможно, но за Бога сè е можно! И навистина, Бог е Он што го усовршува човекот, т.е. го прави тоа што за човекот е невозможно. Бог е дарител на силата за усовршување, како и на доблестите што го усовршуваат човекот. Задачата на човекот, пак е да ги прифати и спроведе, на пример, едноставните зборови на свети Климент Охридски – тргај се од злото и прави добро. Со тргањето од злото човекот го чисти срцето и станува способен да ги гледа нештата какви што се. На тој начин, го избегнува дејството на гревот, кој прави доброто да го гледаме како зло, светлината како мрак и темнина, милоста како лицемерие. Ги избегнува и гревовните чувства и мисли – гневот, зависта, лакомоста… Исто така, ги избегнува и злоделата што произлегуваат од гревот – лагата, измамата, прељубата, кражбата, убиството и др. Со правењето добро, пак, стекнуваме доблести – вистинољубивост, смирение, пожртвуваност, искреност, цврста вера, милостивост, скромност, човекољубие, добрина, и најголемата – љубов. Доблестите, пак, нè водат кон добри дела, кои даваат добар плод и за нас и за другите луѓе. Во доблестите се содржани Божјите енергии, т. е. благодатните сили што го облагородуваат и осветуваат човекот. Ако човек се потрудил да стекне и има доблести, тогаш и Духот Божји е постојано со него и го упатува, помага и води во сите негови дела. Ако некои дела ги надминуваат нашите сили и способности, Духот Божји го пополнува недостатокот и несовршенството и овозможува постигнувања што ќе нè зачудат. Така тој оди по вистинскиот „Пат“, ја знае „Вистината“, и наследува вечен „Живот“.