Воскресенска искреност

Posted on

 

Се наоѓаме на самиот праг на празникот над празниците – Христовото воскресение – Велигден. Во пресрет на ова Воскресение, да се запрашаме дали вистински сме подготвени да го пречекаме? Во таа насока треба сите ние искрено да си поставиме неколку прашања:

 

 

 

Колку вистински љубиме?

Дали во себе ја носиме Христовата љубов?

Дали се љубиме едни со други, како што Он не возљуби?

Дали веруваме и дали ја исполнуваме Господовата волја?

Дали сме искрени со себе си?

Дали се залажуваме себе си?

Дали сме острастени?

Дали себељубието ни е најголема мотивација?

Дали ги лажиме другите?

Дали ги почитуваме сите луѓе?

Дали бараме виновници околу нас?

Кога искрено ќе си одговориме на овие прашања – ќе сфатиме зошто светов ни е ваков суров. Свет во кој постепено се губи вистинското значење за љубовта. Свет во кој љубовта, иако е често спомнувана – никаде вистински ја нема, а ја нема, бидејќи нема вистинска љубов без да Го примиме Христа во своето срце и душа. Бог е љубов, ни сведочи апостолот и евангелист Јован. Таа љубов, заради нас овие денови се предаде на смрт, беше исмејувана и распната. Денес во очите на острастениот човек – љубовта секојдневно е исмејувана, омаловажувана, непрепознена, непримена, невозвратена и неценета, исто како во времето на Христа.

Таа затвореност во нашата гордост и себељубие, кое не прогонува – раѓа егоизам, а егозимот на крајот од денот раѓа депресија. И после се чудиме зошто овој свет е ваков, зошто се нема сенс за вистинско пријателство, за вистинска заедница, за вистинска љубов, за брак и за заедништво. Сето тоа е резултат на нашето себељубие и егоизам. Во таква состојба – нема жртва, туку на прво место се сопствените интереси и патешествија без цел, забава за привремена среќа, кариера и лутање – за на крај да сфатиме дека радоста тешко ја чувствуваме и дека на крајот од денот – повторно сме сами – не можеби дека ние свесно посакуваме да сме сами, туку дека и ние несвесно, изгубени во искушението на световните страсти, во нашето себељубие немаме можност да погледме кон другиот и кон Господ, па сме се оделиле од нашиот ближен – од родителите, од братот или сестрата, од нашите роднини и пријатели, а пред сè од Христос, Кој е секогаш со нас. Тој е единствениот што не не напуштил никогаш, но ние сме тие што секојдневно го предаваме, го шамараме, го распнуваме…

Затоа во овие предпразнични мигови да излеземе од сопственото миље, и да се предадеме на Христос, кога тоа ќе се случи, кога ќе се најдеме слободно во Неговата љубовна прегратка, ќе се случи и нашето воскресение, нашата обнова и премин, тогаш ќе сфатиме дека ништо не е повредно во овој живот од Него и дека Он е Животот, патот и вистината, која не ослободува од ропството на страстите и смртта, од ропството на себеугодувањето, од страдањата и од замозалажувањата, од ласкањата, од воздишките на сопствените недостижни желби, од изгубеноста за да го придобиеме целиот свет, но и да го видиме целиот свет. Токму затоа ако нешто ни е најпотребно во предвечерието на Велигден, тоа е гледањето на себе си онакви какви што сме и искрен поглед кон Христа Бога, Кој со своето Воскресение ги раскина оковите на смртта за секој еден од нас. Затоа овие денови да бидеме пред сè искрени со себе си и со другите, да не се залажуваме и занесуваме, ниту ние, ниту другите, туку да си признаеме и уште еднаш пред да зачекориме кон храмот да се покаеме и да притрчаме кон Воскреснатиот Христос, Кој е со нас до крајот на светот и на векот.

Само искреноста кон нас, кон другите и кон Бога може да ни ги отвори очите за да и ние го видиме воскреснатиот Христос и да го почувствуваме Воскресението!

Христос воскресна!

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s