Свети Николај Мирликијски Чудотворец (житие и чуда)

Posted on

Житие

Детството

Свети Никола е роден во Патара, во малоазиската покраина Ликија. Неговите родители, Теофан и Нона, биле познати и богати, но и побожни, милостиви луѓе. Тие биле бездетни и дури во поодминати години Бог им дал син единец- малиот Николај.

Од самото раѓање детето покажувало голема приврзаност кон Бога и кон Неговите светињи. При кршевањето, во кршталницата три часа стоел сам, без ничие придржување, што ја наговестувало неговата ревност во исповедувањето на името Божјo. Исто така, во среда и во петок го одбивал мајчиното млеко до заоѓањето на сонцето. Родителите се чуделе на тоа и му предвидувале строг испоснички живот, каков што св. Никола и навистина водел.

Младоста

Како што растел, св. Никола покажувал голема надареност и бистрина, ја изучувал светската мудрост, но најмногу го привлекувало Светото писмо. Времето го поминувал во храмот Божји и избегнувал суетни и празни разговори.

Неговиот чичко, епископ во градот Патара, по кого Никола и го добил своето име, забележал голем број доблести кои го краселе неговиот внук и им предложил на родителите да го дадат синот на служба на Бога. Родителите го прифатиле советот на епископот и го дале својот син единец на Оној од кого и го добиле на дар.

Младиот Никола бил незлоблив, кроток, срцето му било полно со љубов кон сите, на сите им простувал и секој негов збор бил мудар. Како таков тој бил ракоположен за ѓакон со радосен извик на сите присутни: Достоен е!, а подоцна бил ракоположен и за презвитер и тоа токму кога Црквата Христова била сурово гонета, а свештеничкиот чин барал голема љубов и вера во Бога. По ракоположувањето, новиот пастир уште повеќе се предал на доблестен живот, пост и на молитва. Кога се упоколиле неговите родители, св. Никола сето богатство што го наследил им го раздал на сиромашните и на немоќните. Еве едно од неговите многубројни дела на милосрдие од тоа време:

 

Свети Никола спасува човек и негови три ќерки од духовна пропаст

Во градот Патара живеел еден човек со три ќерки, некогаш богат, а потоа сосема осиромашен. Во големата сиромаштија му паднала на ум лоша мисла да ја претвори својата куќа во блудно место, а своите ќерки во блуднички и на тој начин да дојде до пари. Свети Никола слушнал за големата беда на тој човек, некако дознал за неговата опасна намера и се сожалил над него.

Една вечер, за да не биде виден од некого, св. Никола зел ќесе со злато и пошол кај куќата на тој човек. Кога стигнал кај куќата, го фрлил ќесето низ прозорецот и брзо заминал. Утредента, кога го видел златото, човекот не можел да им поверува на своите очи. Размислувал кој би можел да му направи толкава милост, и на никого не можел да се сети. Затоа му благодарел на Бога и горко се покајал за сè што имал намера да направи. Донел одлука добиеното злато да го даде како мираз за мажењето на најстарата ќерка.

На св. Никола му било многу мило кога слушнал за одликата на човекот и решил да го повтори своето дело. Повторно тајно уфрлил ќесе со злато низ прозорецот и исчезнал. На човекот ништо не му било јасно. Со солзи-радосници ми се молел на Бога да му открие кој му прави толкава милост. Ја омажил и втората ќерка и решил да не спие ноќе за да го открие својот добродетел.

По неколку ноќи, човекот слушнал ѕвекот на злато и кога влегол во собата, нашол уфрлено ќесе со злато покрај прозорецот. Излегол и брзо потрчал да го стаса таинствениот добродетел. Кога го стасал светиот Никола, паднал пред него, заплакал и почнал да му ги бакнува стапалата нарекувајќи го спасител и избавител. Свети Никола одвај го кренал од земја и го смирил, барајќи да му вети дека никому додека е тој жив нема да му каже за неговата помош.

 

Патот во Палестина

Во силната желба да ја посети Светата Земја, св. Никола тргнал на долг пат преку море.

Кога лаѓата пловела кон Египет, настанала голема бура. Небото се помрачило, а водата се кренала заканувајќи се да ја преврти лаѓата. Свети Никола на сите им кажал да бидат храбри и, без никаков сомнеж, да имаат доверба во Бога. И тој почнал усрдно да се моли. Набрзо морето се стишило и станало сосема мирно како воопшто да немало бура. На лаѓата настанала голема радост.

Малку време по тоа, се случило уште едно чудо. Еден морнар се качил на јарболот да направи нешто, се лизнал и паднал од големата височина, при што веднаш починал. Свети Никола брзо му пришол на морнарот и како од сон- го кренал од мртвите.

По долгиот пат и по големиот број исцелувања што ги правел св. Никола, лаѓата стигнала во Ерусалим. Со голема љубов св. Никола се поклонил на Христовиот Гроб, на светата Голгота, на чесното дрво од Крстот Господов (каде што вратата од храмот сама му се отворила) и со сето битие посакал да остане на тоа свето место. Но волјата Господова била поинаква. Бог не сакал да го лиши своето стадо од присуството на овој грижлив пастир, па му заповедал со Својот божествен глас да се врати во татковината.

 

Враќањето во Ликија

Така, по долгото време поминато во Палестина, св. Никола се вратил во Патара, и во манастирот Свети Сион, кој бил основан од неговиот чичко, продолжил да живее богоугоден живот. Меѓутоа, повторно му се јавил божествен глас: „Николај, појди на подвиг во народот, ако сакаш да бидеш овенчан од мене“. Тогаш на св. Никола му станало јасно дека Божјата волја е таква, што мора да го остави тивкиот и молитвен живот во манастирот и да појде во народот.

Не сакал да остане во Патара бидејќи таму премногу се расчуло за него. Заминал во најголемиот град во целата ликијска област- градот Мира, каде што живеел како просјак, немајќи никакво засолниште освен Божјиот храм.

 

Изборот за епископ

Во тоа време се упокоил епископот на цела Ликија, Јован. Најмудрите луѓе се собрале да изберат нов пастир. Поради големите несогласувања не можеле да се договорат, па решиле да му се помолат на Бога, за да им укаже Он на најдостојниот за светиот епископски чин. Пристапиле кон молитва и набрзо им стигнал одговорот: Господ му се јавил на најстариот епископ и му наредил таа ноќ да оди кај црквата и да застане пред црковната врата. Првиот што ќе дојде во црквата- ќе биде Божјиот избраник и неговото име е Николај. Стариот епископ им раскажал на другите за своето видување и таа ноќ отишол во црквата како што му било заповедано.

Свети Никола имал обичај да станува на молитва ноќе на полноќ, а по молитвата одел меѓу првите на утринското богослужење. Така и таа ноќ, воден од Светиот Дух, отишол во храмот Божји. Кога пришол кај црквата, го запрел стариот епископ и го прашал: „Чедо, како ти е името?“. Свети Никола не му одговорил. Епископот повторно го прашал, а светителот тивко му рекол: „Името ми е Николај; слуга сум на твоите светињи, владико“. Кога ги слушнал овие кротки и смирени зборови, епископот без никаков сомнеж го зел св. Никола за рака и го одвел пред другите епископи.

Со голема чест и со радост бил дочекан и воведен во црквата. Веста за чудесниот избор на пастирот на Ликија брзо се разнела меѓу народот и црквата била преполна од оние што дошле да го видат Божјиот угодник. По Божја волја неговите доблести повеќе не можеле да бидат скриени, и станале јавни за цела Ликија.

 

Страдањето на Црквата од незнабожечките цареви

Омилен во народот, епископот Николај бил кроток и незлоблив, со смирен дух. Бил облечен во проста облека, се хранел испоснички, само еднаш дневно кога ќе паднел мрак. Со голема одговорност и љубов се грижел за душите што му биле доверени од Бога. Своите подвизи на пост и молитва ги удвоил, а со својата силна вера и љубов го поучувал народот и му помагал, при што бројот на верниците постојано растел.

Во времето на незнабожечките цареви Диоклецијан и Максимијан, настанало големо гонење на Црквата Христова. Христијаните биле мачени и принудувани да се одрекнат од Христа. Свети Никола ревносно ја исповедувал верата пред идолопоклониците и бил подготвен да пострада. Затоа бил затворен во затвор со многу христијани, каде што го тешел и го бодрел намачениот народ.

По долгиот период во затвор, со доаѓањето на царот Константин на власт на Римската Империја, сите христијани биле ослободени и дошол крајот на гонењето на Црквата Христова.

 

Свети Никола на првиот вселенски собор

Царот Константин решил да свика Вселенски собор во градот Никеја (325 година) за да биде изложено и утврдено правото учење за верата Христова, а Ариевиот ерес (во тоа време најсилен) да биде осуден.

На Соборот биле присутни 318 свети Отци, меѓу кои бил и св. Никола. Тој храбро го разобличувал Ариј (кој бил присутен) и неговото погрешно учење. Во својата силна ревност го посрамотил еретикот не само со зборови туку и со дело, удирајќи го по образ. Тоа предизвикало големо негодување кај светите Отци и тие решиле поради таа дрскост да го лишат од епископскиот чин. Меѓутоа, во тие денови, некои од Отците имале видување како околу св. Никола стојат од една страна Господ Христос со евангелие, а од друга страна Пресвета Богородица со омофор, и како му ги враќаат знаците на неговиот чин што му биле одземени. Тогаш сите сфатиле дека на Бога му била угодна големата смелост на св. Никола и му го вратиле архиерејскиот чин.

 

Спасувањето на народот од глад

Набрзо по Соборот, во градот Мира и во целата ликијска област се јавила голема сиромаштија и глад.

На св. Никола му било жал за својот народ, па една ноќ на сон му се јавил на еден трговец што се наоѓал во Италија и кој имал полна лаѓа жито. Трговецот имал намера да замине во друг правец, но св. Никола му дал три златника и му наредил со житото да појде во градот Мира и таму да го распродаде. Кога се разбудил, трговецот не можел да се изначуди кога видел дека има златници во раката. Го послушал светецот, отишол таму каде што му било речено и го распродал житото, објаснувајќи им на луѓето како на чудесен начин се нашол кај нив.

 

Измирувањето на народот и восјката

Во тоа време, се случил бунт во големата Фригија. Откако дознал за тоа, царот Константин испратил тројца војводи со војска да го задушат бунтот.

Кога војската стигнала до ликијското пристаниште, немирното море не им дозволило да запловат кон одреденото место, така што морале да чекаат подобро време. Некои војници купувале производи за своите потреби, а некои и насилно одземале од блискиот град, па почнале тепачки и караници со локалните жители. Луѓето оделе кај св. Никола жалејќи му се на војската. Светецот брзо стигнал и со своите благи совети ги измирил двете скарани страни. Војводите ги казниле престапниците и кон светителот покажале голема почит.

 

Свети Никола спречува неправедно убиство

Додека го смирувал народот на пристаништето, од градот Мира му стигнала веста дека игуменот Евстатиј, поткупен од лоши луѓе, сака на смрт да осуди тројца невини луѓе. Со голема тага, св. Никола веднаш тргнал и тоа во придружба на тројцата војводи.

Бргу стигнале до местото на погубување. Многу народ стоел околу тројцата кутри луѓе. Со врзани раце и со покриени очи, веќе се свиткале кон земјата, очекувајќи го страшниот удар од меч. Џелатот веќе го извлекол мечот и сиот бесен почнал да мавта со него. Тогаш светителот Христов со праведен гнев поминал низ народот, без никаков страв му го истргнал на џелатот мечот од рака и го фрлил мечот наземи. Толку силен и бестрашен бил св. Никола, што никој не се осмелувал да го запре. Големо задоволство и радост кај присутниот народ предизвикало ова храбро дело на Божјиот праведник. Потоа пристигнал и игуменот Евстатиј и сакал да му пријде на светителот. Свети Никола го одбил, не дозволувајќи му да му пријде сè додека овој не го признал својот грев.

Трпјцата војводи што дошле со св. Никола на гилотината, со големо воодушевување зеле благослов од архиерејот Божји и се упатиле за Фригија.

 

Спасувањето на тројцата војводи

Војводите во Фригија брзо го задушиле бунтот и со радост се упатиле кон Византија за да му ја објават на царот храбрата победа. Царот Константин ги пречекал со големи почести и ги удостоил со учество во царскиот совет. Меѓутоа, тоа почнало да им пречи на некои завидливи и лоши луѓе, при што почнале да клеветат дека војводите му посакуваат зло на царот. За таа своја завера го придобиле епархот со многу злато. Му ја дале клеветата, а епархот му ја пренел на царот. Царот Константин, без никаква истрага, избрзано ги испратил своите војводи в затвор и по убедување од епархот, решил да ги погуби.

На војводите не им било јасно зошто се осудени на смрт. Горко плачеле и тажеле, а потоа едниот од нив се сетил на св. Никола, па се договориле да му се помолат на Бога. Бог, Кој секогаш ги слуша молитвите на оние што усрдно Го молат, брзо им ја услушал молитвата. Таа ноќ на царот на сон му се јавил св. Никола и му рекол брзо да ги пушти од затвор тројцата војводи зашто тие се наклеветени и се невини. Уште и му се заканил дека ако не го послуша, ќе погине од оние што ќе се побунат. Зачуден, царот го прашал: „Кој си ти што ми упатуваш мене и на државата такви закани?“, а светителот му одговорил: „Името ми е Николај, архиереј сум во Мирската митрополија“. Со истото видување св. Никола му се јавил и на подмитениот епарх. Утредента ги извеле војводите пред царот, кој мислел дека со магии навеле такви соништа кај него. Војводите искрено исповедале дека не знаат за никакви магии и дека секогаш му биле предани на царот. Тоа предизвикало сожалување кај царот. Потоа св. Никола им се прикажал само на војводите, бодрејќи ги, при што тие почнале да го повикуваат на помош. Кога царот слушнал дека го спомнуваат името на светителот од неговиот сон, ги прашал кој е тој, а војводите му раскажале за св. Никола и за неговата чудесна помош.

Царот се покајал поради својата избрзана одлука и ги пуштил војводите со богати дарови да одат во градот Мира кај св. Никола.

 

Крајот на земниот живот на свети Никола

Свети Никола правел голем број чуда на земјата. Спасувал морепловци, исцелувал болни, им помагал на сиромашните. Како голем угодник Божји дочекал длабока старост. Малку боледувал со телото, а потоа со радост и со псалмопеење се преселил кај Господа. Неговото свето тело е положено во соборната црква во Мирската митрополија и набрзо од него почнало да тече чудотворно миро со кое се помазувале и се исцелувале болните. Народот доаѓал од сите страни да му се поклони на овој прекрасен светител.

Така св. Никола продолжил да му помага на верниот народ, правејќи уште поголеми чуда на оние што со вера го повикуваат на помош, сè до денес.

 

 Чуда на свети Николај

(мала и премала е оваа книга за да ги собере сите чудеса на овој силен угодник Божји)

 

Свети Никола му го враќа видот на светиот крал Стефан Дечански

Принцот Стефан, синот на кралот Милутин, бил многу уважен и ценет во целата тогашна Србија. Го краселе голем број доблести, бил добар, мил, кроток, милостив.

Неговата маќеа Симонида, ќерка на византијскиот цар, сакакала нејзиниот син Константин да го заземе престолот, па затоа постојано го клеветела и го валкала принцот Стефан пред својот сопруг. За несреќа, некои српски великани почнале да му откажуваат послушност на кралот, не можејќи повеќе да ги поднесуваат сплетките против принцот, а тоа на кралот му било претставено божем принцот Стефан подготвува бунт против него. Кралот Милутин непромислено и избрзано наредил да го одведат Стефана во еден замок во скопската област и таму, покрај црквата на св. Никола да го ослепат.

Со извадени очи и со страшни болки, маченикот единствено молитвата го крепела. Таа ноќ по ослепувањето, речиси в зора, тој малку задремал. На сон му се јавил прекрасен светител, кој му рекол: „Не тагувај, Стефане! Еве ги твоите очи на мојата дланка“. Стефан го прашал: „А кој си ти, господине мој, што покажуваш толкава грижа за мене?“. Светителот му одговорил: „Јас сум Николај, епископ Мириклијски“. Откако се разбудил, Стефан му заблагодарил на Бога што му испратил утешител во тешките страдања.

Стефан, со своите два малолетни сина, Душан и Душица, бил протеран од Србија и затворен во еден цариградски дворец. Слеп и затворен, принцот Стефан се предал на молитва и на духовен живот. Брзо се прочул и кај византискиот цар како голем ревнител на Христовата наука  и изобличувач на разни ереси.

По пет години од прогонството, Бог го исцелил својот трпелив угодник: за време на бдението спроти празникот Свети Никола, Стефан стоел на своето место во црквата и смирено се молел. Седнал и малку задремал кога се читало житието на св. Никола. На сон му се јавил глас: „Се сеќаваш ли што ти кажав кога ти се јавив минатиот пат?“. Стефан паднал пред светителот и му рекол: „Знам дека ти си големиот светител Николај, но не се сеќавам што си ми рекол“. Свети Никола му одговорил: „Ти реков да не тагуваш, зашто твоите очи се во мојата рака, и ти ги покажав. Она што ти го ветив тогаш, еве сега дојдов да го исполнам“. Потоа, светителот го осенил Стефана со крсни знамиња и му рекол: „Господ наш Исус Христос, Кој на слепиот од раѓање му дарува вид, и на твоите очи им го дарува поранешниот вид“. Светителот исчезнал, а преплашениот Стефан се разбудил- и прогледал. Го криел маченикот Христов ова чудо и се преправал слеп сè додека на Бога не му станало угодно да го врати во Србија и да го постави за крал.

 

Спасувањето на рускиот офицер од стрелање

Во Подол, северно преградие во Киев, во 1920 година, живеела една стара жена, вдовица, со својот син и со својата ќерка. Имала голема почит и љубов кон св. Никола и во моментите на тешкотии одела во храмот што бил посветен на овој прекрасен Божји светител и се молила пред неговата икона. Секогаш добивала утеха и олеснување за своите маки.

Во тоа време властите во градот постојано се менувале: Белогвардејци, Црвени, Директориум, Полјаци, Германци… Нејзиниот син станал офицер, а сите поранешни офицери при промените на власта биле уапсувани на самото место. Тоа се случило и со синот на ова жена. По апсењето, неговата сестра трчала од еден „оддел“ до друг со цел да измоли ослободување за својот брат. Мајката отишла во црква пред иконата на св. Никола. Долго се молела. Кога се вратила дома, била утешена и сигурна дека св. Никола ќе помогне. Набрзо дознале дека нејзиниот син исчезнал.

Утредента в зори, синот се појавил- изгладнет, извалкан и исцрпен. Го раскажал следниот случај. Поголема група офицери, меѓу кои бил и тој, биле водени во Печерск, преградие во ридови, близу Киево-Печерската Лавра. Таму имало еден голем хиподром во чија близина уште од време на Петар Први биле ископани ровови како одбрана од шведската восјка. Кај тие ровови се извршувале стрелања. Веќе биле близу хиподромот кога пред конвојот одеднаш се појавил низок старец. Му пришол на командантот и го прашал: „Каде ги водите?“

Во „Духоњиновиот Генералштаб!“ (жаргонски во тоа време тоа значело „на стрелање“), „Бегај, старецу!“, викнал командантот. Старецот навистина се тргнал, но водејќи го со себе и синот на вдовицата, кого го зел за рака, велејќи: „Пуштете го. Јас го познавам“.

Ниту командантот ниту кој било од стражарите што ја придружувале групата не одговорил ниту, пак, направил што било за да го спречи старецот. Старецот го одвел момчето зад еден агол и му рекол: „Оди дома кај својата мајка“. И веднаш исчезенал.

Старицата била пресреќна и веднаш побрзала в црква за да им заблагодари на Господа и на св. Никола што ѝ се вратил синот жив. Утредента и момчето заедно со мајка си се упатило в црква. Иако и порано одел во храм Божји, сето тоа не го интересирало нешто многу. Кога мајкла му го довела пред иконата на св. Никола, момчето пребледело. Некако успеало да прошепоти: „Мајко моја, па тоа е старецот што ме спаси…“.

Прекрасен е Бог во Светите свои!

 

Исцелувањето пред икона

На сестрата Татјана во јуни 1997 година ѝ била поставена следната дијагноза: агресивен облик на тумор на лимфните јазли и уште 18 месеци живот. Татјана тогаш имала околу 50 години, но поради големиот број хемотерапии изгледала како многу постара. Била тешка само 40 килограми. По две години, во февруари 1999 година, отец Илија во руската православна црква Свети Јован Претеча во Вашингтон ја донел мироточивата икона на св. Николај Чудотворец. Парохот на Татјана сакал иконата да ја однесе во нејзиниот дом и таму да отслужи молебен за нејзино оздравување, кое таа решително го одбила, инсистирајќи дека сака лично да дојде во црквата и да се помоли. Навистина било потресно да се гледа како нејзиното слабо тело се крши во метании пред светиот лик на иконата. Два дена подоцна, Татјана имала закажано хемотерапија. По прегледот нејзиниот доктор на големо чудење заклучил дека повеќе го нема туморот на лимфните јазли. Бил зачуден не сфаќајќи како можело тоа толку брзо да се случи. Сосема збунет ѝ рекол на Татјана да оди дома и да одмора еден месец од понатамошни хемотерапии. По еден месец, Татјана отишла на контрола. Докторот ја испратил на детаљни испитувања- анализа на крвта, скенирање итн. Сите резултати биле негативни,  што медицински и научно било невозможно. Докторот ѝ дал целосен отпуст. Оттогаш, Татјана редовно учествува во заедничките молитви на благодарења што по ова и слични исцелувања се служат пред мироточивата икона на Божјиот светител, свети Николај архиепископ Мирликијски Чудотворец.

 

 

Превел:

Петар  Петковски,

дипломиран теолог

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s