Да ги усредоточиме мислите кон мирот и кон тишината

Posted on

старец Тадеј (Витовнички)

 

„Во нашиот овоземен живот сè зависи од мислите. Секоја работа, секој труд, секое движење. Човекот говори преку мислите, а не преку делата, и ние постојано сме во ‚мисловна борба‘“, вели игуменот Тадеј, големиот духовник и старешина во манастирот Витовница во источна Србија и додава „дека животот ни е онаков какви што ни се мислите“.

Не е лесно да се дојде до манастирот Витовница, во подножјето на Хомолските Планини. Тоа е подвиг во денешно време, на некој начин. Манастирот е одалечен дваесет километри од Петровац на Млава, во превецот кон Кучево. До истоименото село оди автобус трипати во работните денови и превезува деца до училиштето и назад. Пределот главно е населен од Власи.

Престојот во манастирот денес претставува ретка можност да се почувствува исконскиот мир на православното монаштво. Живописниот предел е богат со шума и вода, а сè издишува со мир и тишина.

Денот во оваа вардарска задужбина од кралот Милутин од 13 век почнува со литиргија в зори, во служба на отец Стефан и отец Доситеј. Овде и темјанот има специфичен мирис, бидејќи игуменот во него става етерично масло. Во разговорот со гостите отецот Тадеј обично се задржува по појадокот, кој ревносно го приговува искушеник. За сето време на обедот се читаат делови од светите книги.

Кога е убаво времето, Старецот, како што игуменот Тадеј го нарекуваат братијата од манстирот, кој е родум токму од тоа село, сака да седи под лозата крај манастирската црква Успение на Пресвета Богородица. Во тешката и бурна историја на манастирот, освен отецот, зборуваат и записите на Јоаким Вујиќ од почетокот на минатиот век. Кога ќе застуди, разговорот се продолжува во топлата трпезарија на конакот.

Уште при првата средба, на прашањето „како сте“, овој осудесетгодишник со еластично движење и остри мисли, одговара дека старците секогаш се уморни. Секој негов збор е искра, секоја негова мисла е сила. Човекот едноставно по разговорот со него повеќе не е оној истиот.

Во својот шеесетогодишен монашнки живот отецот Тадеј двапати бил на служба во Пеќската патријаршија. Првиот пат бил пред Втората светска војна, а вториот пат се вратил во 1949 година по желба на патријархот Гаврил Дожиќ и бил негов намесник сè до 1955 година.

Сè е мисла, и сеќавањето е мисла, ја продолжува игуменот својата беседа. Ние постајно сме во мисли. Сепак, нашите мисли не се тајни. Јавни се. Тие се покажуваат низ нашиот живот. Штом некој ќе помисли за нас, гледаме што мисли, што сака, какви мисли ни упатува. Самите гледаме дека не треба никој да ни каже дали некој нè сака и не почитува или не. Тоа се чувствува, зрачи од човекот. Зрачат и неговите карактерни особини што се изградуваат по пат на молитвата. Онакви сме со какви што мисли се занимаваме.

Поради тоа да се потрудиме во овој краток живот, со Божја помош, да изгрдиме карактерни особини како благородноста. Господ вели: Царството небесно нема да се појави овде или онде. Тоа е внатре во нас и меѓу нас, а тоа се правда, мир и радост.

Старозаветниот народ не можел да ја прифати безграничната Божја љубов. Со самото тоа не можел ни да ги прими Неговите заповеди, од каде што произлегло и познатото зло: око за око, заб за заб. Дури и денес во христијанството, да не зборувам, пак, за другите религии, се придржуваме до тоа старозаветно правило по кое сме и понатаму опкружени со зло. Опкружени сме со многу непријатности во животот кои го разурнуваат нашиот внатрешен мир. Не можеме ниту на својот роден брат да му простиме, а камоли на другите.

Ете, гледате што правиме. Штом се занимаваме со лоши мисли, стануваме злобни самите по себе. Не вреди што ние се сметаме за добри ако во нас се задржува зло. А ние христијаните не смееме ниту да помислиме зло, а камоли да го претвориме во дело. Тоа значи дека немаме сили да се спротивставиме на тоа.

Меѓутоа, во нас постои божествена сила, божествен живот и божествена енергија. Кога ќе даваме отчет пред Бога на денот на Страшниот суд, ќе мораме да положиме сметка и за тоа како ја сме ја искористиле таа божествена енерија во животот. Дали сме придонеле кон хармонија во вселената или кон дихармонија.

Нашите мисли не само што дејствуваат врз нас и врз разумните суштества, врз животните и врз растителниот свет, туку влијаат и на вечноста. Ние со своите мисли не само што го нарушуваме мирот на земјата туку го умножуваме злото и во вселената. Сиот човечки род го бере плодот на своите мисли и желби. Така, првочовечкиот народ требал да биде потопен поради своите лоши желби и злобни мисли. Ете, и ние повторно толку сме потонале во зло и не можеме да се ослободиме од него, при што повторно се приближува тоа време. Единствениот излез, со Божја помош, е промена одвнатре, од срцето.

Бидејќи во нас има божествена енергија, со целото свое битие треба да се приклучиме кон централата на животот- кон Господ. За да добие таа енергија божествена сила, а не да се приклучуваме кон зло. Поради тоа да се свртиме кон доброто за да биде доброто во нас и околу нас. Ако се занимаваме со добри, божествени мисли, ќе имаме свој внатрешен мир. Потоа тој мир ќе зрачи преку нас и околу нас, и ете промени. Секој оној што не е вклучен во злото, во некои свои земни амбиции што му го нарушуваат мирот, ќе го почувствува тој мир.

Една душа во секоја средина може многу да придонесе. Особено е тоа домаќинот на куќата. Тој треба да се труди секогаш да ги насочува своите мисли кон мир и тишина. Своите грижи и своите неволи треба да Му ги предаде на Господа.

Господ ги зел на себе сите наши грижи и неволи и ни кажал дека Он ќе се грижи за тоа што ќе јадеме, што ќе пиеме и што ќе облечеме, а ние толку грчевито држиме и создаваме немир во себе, во своето семејство и на сите околу нас.

Кога сум оптоварен со грижи и кога сакам своите манастирски, домашни работи и грижи да ги носам сам и да не ги предадам на Господа, ете неволи на мене и на моите братија. А кога сите свои грижи и грижите на братијата ќе ги предадам на Господа, тогаш и најтешката работа се извршува со леснотија. Нема оптоварување и братијата се мирни и тивки меѓусебно.

Гледате како нашите мисли се страшна сила, моќ што го нарушува мирот или што дава мир. Додека не воспоставиме мир во себе, нема мир ниту околу нас. Ако домаќинот нема мир, ниту семејството нема мир, а сето тоа е поради неговите мисли. Поради тоа себеси и своите ближни треба да ги предадеме на Господа и непрестајно да се молиме. Бог е енергија, сила и моќ, радост и утеха и кога ќе Го побараме, Он ќе ни го даде својот божествен мир. Со молитвата ја црпиме божествената сила во себе.

Господ е насекаде присутен и без неговата промисла и без неговото допуштање не бива ништо ниту на земјата ниту во вечноста. Кога ќе ја зацврстиме таа мисла во себе, тогаш ни е лесно. Бидејќи кога Бог би допуштил да правиме што сакаме и како што сакаме, тогаш би настанала катастрофа. Толкав страшен хаос во космосот не може ни да се замисли. Он на разни начини нè опоменува на своето присуство. Меѓутоа, ние тоа брзо го забораваме, особено кога ни е добро. Забораваме дека овде сме привремено и си мислиме дека овде ќе векуваме, а кога ќе дојде неволја- Господи, спасувај! Затоа треба да се потрудиме да ги измениме своите карактерни особини кон доброто. Господ ни заповедал да се молиме за непријателите, не заради Него, туку заради нас самите.

Бидејќи сè додека ја задржуваме во себе мислата за навредата што ни ја нанеле непријателите, пријателите, роднините, никогаш нема да имаме мир и покој. И кога немаме мир како домаќини, нема да имаат мир ниту најближните. Самите себеси се тиранизирами со таквите мисли. Поради тоа треба да се учиме и себеси и другите секаде да има божествен мир. Сите околу нас, не само луѓето туку и животните бараат од нас љубов и внимание. Сè е поврзано во светот. Ниту ние не можеме да живееме без растителниот свет, ниту пак растителниот свет може да живее без нас. Штом е така, тогаш сите сме еден род.

Затоа да Му се молиме на Господа да ни даде сила и моќ да бидеме добри, благородни, мирни, тивки, полни со љубов и добрина. Ви посакувам мир и радост од Господа во вашиот дом, во нашата држава и на сите луѓе во светот- ете така препорачува отец Тадеј од манастирот Витовница.

превел:

Петар Петковски,

дипломиран теолог

Извадок од книгата: „Витовнички стослов“

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s