Што е постот на Апостолите (Петровденскиот)?

Posted on Updated on

Православните христијани низ целиот свет имаат четири периоди на постење за време на една година. Два периода од овие – Големиот Велигденски пост за време од 40 дена и Богородичниот пост за време од 14 дена во месецот август – се сметаат како строги пости. Другите два генерално се сметаат за помалку строги пости: така наречениот Божиќен пост или постењето за време од 40 дена пред славењето на Христовото Рождество, и постотот на Апостолите, кој се случува во месеците јуни и јули.

Во светот постот на Светите апостоли, односно апостолскиот пост е веројатно најмалку познат, иако е помеѓу најстарите христијански традиции. Споменат е од свети Атанасиј во четвртиот век, а постојат и други изјави за неговото постоење од многу порано во историјата на Црквата. Постот започнува ден (понеделникот) после Неделата на Сите светители, која се случува една недела после Педесетница (Духовден).

Денес постот се извршува во слава на светите апостоли Петар и Павле, кои се слават на 29/12 јули. Во пораната пракса, како и да е, постите веројатно не биле поврзани со празникот на светите апостоли Петар и Павле. Напротив времето за постење било после славењето на Педесетницата или по Неделата посветена на Сите светители. Најверојатно, различните традиции претпочитале различни должини на постот – без оглед дали се работи за една недела, неколку недели, дури и само за еден ден. Денес, постот има сеуште варијабилна должина заради тоа што е поврзан со датумот на Педесетницата, и со тоа на неделата на Сите светители.

Датумот, пак на Педесетница што се случува педесет дена после Пасха, варира со датумот на Пасха (Велигден). Заради тоа и датумот на Неделата на Сите светители варира во споредба со погоре кажаното. Ова значи дека должината на Петровденскиот (апостолски) пост исто така варира секоја година. За оние цркви кои го следат Стариот календар, постот може да биде многу долг (дури до 42 дена) или многу краток (8 дена), во зависност од тоа кога ќе се падне празнувањето на Пасха. За Православните цркви кои го користат Новиот календар, постојат години кога не постои Апостолскиот пост.

Постојат различни традиции во зависност од тоа колку строго се применува постот. Кај повеќето православни традиции, постот не е строг како што е Големиот (Велигденски пост) пост. Риба, вино и масло се дозволени во сите денови, освен во среда и петок, кои се строги денови на пост преку целата недела. Во другите традиции, рибата, виното и маслото се дозволени во саботите и неделите за време на Петровденскиот пост.

За православните верници денес, постот во чест на Апостолите може да биде прилика за анализа на животот по примерот на Светите апостоли. Во Неделата на Сите светители, ние се сеќаваме и ги славиме животите на сите они кои умреле пред нас во вера: нашите татковци, предци, апостоли, свештеници, евангелисти, учители, архиереи и маченици. Читањата кои се извршуваат на тој ден (Евр. 11, 33-40; 12, 1-2 и Матеј 10, 32-33, 37-38 и 19, 27-30) нè потсетуваат дека безброј следбеници на Господа ги жртвувале нивните животи за верата, која ние ја имаме наследено.

Следејќи ја Христовата опомена запишана од светиот апостол и евангелист Матеј – апостолите ги оставиле нивните родители, нивните деца, и нивните имоти за да им ја дадат радосната вест за Исус Христос на луѓето, кои не го познавале Него. Христијанските мисионери низ целиот свет сè уште го прават истото и денес. За време на постот на Апостолите ние треба да се молиме за нив, и за православната мисија насекаде.

Постот е исто така прилика да се потсетиме дека во Христос, ние имаме заедништво, кое оди над нашите лични мислења, желби или работи кои не ги сакаме. Делата апостолски ни кажуваат дека Апостолите го препознале ова многу рано. Поводот беше аргументот кој се случи и одржа во приликата во врска и оглед со тоа дали следбениците на Христос имаа потреба да го следат Законот на Мојсеј. На почетокот, Петар и Павле заземаат различни страни на дискусијата.

И апостол Петар и апостол Павле биле Евреи, но нивните личности  биле многу различни. Петар, кој претходно бил рибар, помеѓу првите почнува да го следи Господ Исус Христос. Веројатно бил неедуциран и веројатно зборувал само еврејски и тоа на локалниот галилејски дијалект. Павле, од друга страна, бил многу добро едуциран под водство на Гамалил, најпознатиот рабин (учител) во неговото време, и зборувал неколку јазици.

Понатаму, Павле – оригинално наречен Савле – не бил помеѓу дванаесетте ученици. Тој дури водел и прогонување на христијанството се додека не го примил видението на Христос додека бил на пат за Дамаск (Дела ап. 9 глава). Заслепувачкото видение го променило неговиот живот засекогаш. Одтогаш тој станува голем сведок на воскреснатиот Христос. Но заради неговиот претходен живот, било многу тешко на почетокот да му простат и да го прифатат другите ученици.

Многу одамна, Петар и Павле се вклучиле во расправија за зачувување на Законот. Павле, кој проповедал помеѓу народите, мислел дека не било повеќе потребно да се зачува Законот, бидејќи целта на Законот била да се укаже на смртта и воскресението на Христос. Павле дури прокламирал дека Законот бил исполнат со распетието на Христос и бил прикован на крстот и сега треба да ја исполниме мисијата со вера, а не со следење на Законот (погледни: Рим. 10 и Гал. 3 глава). Петар, како и да е, сметал како некои Евреи дека иако Исус бил ветениот Месија, сепак Законот треба да се продолжи засекогаш да се практикува.

Павле патувал до Ерусалим да се сретне со Петар и другите ученици за да се реши проблемот. Павле рекол дека се спротиставува и тоа лично на Петар (Гал. 2, 11). По извесна расправија се согласиле дека христијаните не треба да го следат Законот, особено практиките како обрезувањето и комплексните закони за исхрана, кои биле прикажани во Мојсеевото Петокнижие. Како и да е, тие требало да продолжат да следат некои рестрикции на Законот и тоа кон моралните принципи, и околу јадењето на крв.

Значајно е дека Петар едноставно не изреагирал само да се сложи со Павле за овие теми. Му било дадено видение од Господ, во кое било прикажано, кои храни биле порано прикажани дека се нечисти за сите Евреи, сега биле чисти или прифатливи (Дела ап. 10 глава). Со ова, Петар сфатил дека Господ внесува нов ред и нов начин на живот, и да се сложи со тоа дека Павле бил послушен на самиот Христос.

Овие настани нè потсетуваат секогаш да го бараме Господ кога имаме недоразбирање со Црквата.  За ова е потребно смирение и трпение од наша страна, и волјата да се прифатат другите, дури и кога не се сложуваме со нив. Ние да ги отстрануваме нашите лични желби или потреби, и да се молиме за доброто на Црквата и за признавање на волјата на Господ за сите нас заедно.

По завршување на постот, затоа ги славиме заедно светите апостолите Петар и Павле. Иконата на празникот прикажува двајца мажи како стојат рамо до рамо, држејќи ја Црквата заедно во своите раце. Ова е моќен симбол на натприродната љубов на еден кон друг, која е дадена од страна на Светиот Дух. Во Светиот Дух, имаме договор и нов живот. Заради оваа причина, православни христијани денес може да го сметаат постот на апостолите, како еден од најзначајните периоди од годината, време да се смириме и да се молиме за вистинска љубов и единство во Црквата низ целиот свет.

 

Извор:

http://myocn.net/what-is-the-fast-of-the-apostles/

 

превел:

Петар Петковски,

дипломиран теолог.

 

 

 

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s