Самоубиството – смртен грев кон Бога, блиските и себеси! (Етичка компонента)

Posted on

Самоубиството по губењето на идејата за бесмртноста е нешто потполно неизбежно, па дури и принудно за секој, кој барем малку се издигнал над животните. Напротив, пак, бесмртноста, која како идеја нуди вечен живот – многу повеќе го поврзува човекот за земјава. Во ова, наизглед, има противречности: ако веќе постојат толку други животи, ако освен земниот постои и бесмртен живот, заради што тогаш до таа мера да го цениме земниот? Но, испаѓа сосема спротивното: само со помош на верата во нашата бесмртност, човек може да ја сфати својата разумна цел на земјата. Без верата во својата бесмртност се губи човековата врска со земјата, па таа станува тонење и губење на смислата на животот (макар тоа да се изразува и во облик на несвесна тага) и сигурно води кон самоубиство.

                                                                                             Фјодор М. Достоевски

Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и неговата молитва да се прими за грев …

(Псалм 108, 7)

Не знаете ли вие дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?

                                                                                                          (1 Кор. 3, 16)

 

Смрт со самоубиство е сигурно најсуровата и најбезнадежната смрт. Таа и по Божествените и според човечките закони е една од најнеприродните, несреќно и душевно пореметени појави. Иако во сите времиња и иако речиси во сите религии – самоубиствата се осудувани, сепак тие постојат до ден-денес, ширејќи се и зафаќајки ги сите опшествени слоеви.

Најголем грев против чувањето на животот и здравјето е самоубиството. Тоа всушност се случува кога една личност своеволно ќе си го одземе животот. Има два начина, односно самоубиството може да биде:

Непосредно или директно – кога веднаш ќе биде извршено и тоа, на пример, преку убиство со оружје или отров и сл.;

Посредно или постепено – кога пополека ќе биде извршено, предавајќи се на разни пороци.

Самоубиството на кој и било начин да се изврши е тежок грев, бидејќи оној кој самиот ќе си го одземе животот греши против:

  1. 1. Бога, бидејќи Он е господар на човекот и неговиот живот. Он, Кој е Животодавец го дава животот и Он единствено може со него да располага, додека, пак, човекот е должен да го чува својот живот сè до оној миг кога Бог милува, па така секој, кој самиот си задава смрт се противи на Божјата волја.
  2. 2. Самоубиецот греши и кон самиот себе, односно кон својата сопствена природа, кон вродената желба за самоодржување и за вечен живот, за вечноста, која Бог ја всадил во секој човек. Самоубивајќи се човекот греши против вродената љубов, која е должен да ја има кон себе, а исто така, си го одзема времето дадено за да се приготви за спасение и живот вечен.
  3. 3. Освен кон Бога и кон себеси, самоубиецот греши и против ближните со тоа што предизвикува голема болка и жал со тоа што насилно ги прекинува врските и должностите кон нив, па и кон своите пријатели, а исто така, со тоа дело дава најлош пример за целокупната заедница.

Поради сите наведени факти, од сите религии, а пред сé, од православната христијанска вера – самоубиството се смета и преставува голем грев, кој не се простува. Но, иако така заповедала нашата Црква – самоубиствата се шират сè повеќе – како страшна епидемија, околу нас.

Зошто тоа е така? Зошто се случуваат самоубиствата и зошто нивниот број денес е поголем?

Има повеќе причини, кои наведуваат и доведуваат до самоубиство, но во повеќето случаи се покажува дека главната и основна е една: врзаноста за материјалното, минливото, т.е. слабеењето и губењето на верата во Бога и Неговата вечна промисла. Од сите овие размислувања на оваа тема произлегува следната мисла: Самоубиецот е човек, кој ја загубил верата!

За него Бог престанал да биде реална, добра сила, која управува со нашиот живот. Всушност го изгубил правиот пат, бидејќи Бог е патот, светлината и, пред сé, животот.[1] Губејќи ја смислата за Бог ги губи трите христијански добродетели: вера, надеж и љубов.

а) Ако имал вера, би можел да ја прифати основната библиска вистина (заповед), дека Бог е Творец на светот и на човекот, и така човекот нема власт, пред сé, ни кон својот, ни кон другите животи. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе, туку било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме. Ние Му припаѓаме на Господ, па според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме. Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживееа, за да господари и над мртвите, и над живите.[2] Затоа одземањето на животот како туѓиот и твојот е против Божјата волја – грев кон Бога.

б) Самоубиецот нема и надеж во Бога, односно нема ни вера во Неговата промисла за него, водејќи се кон својата погрешно поставена цел.

в) Ниту третата христијанска добротел – љубовта не може да се најде во душата на самоубиецот. Тој е иноцентрик, кој мисли само на себеси, а не на блиските, кои преку самоубиството ги остава тажни – така прави грев кон нив.

Но самоубиецот, поради својот слеп егоизам, не гледа дека врз себе го навлекува најголемиот грев, предавајќи се на мислата – Сé е дозволено![3] Значи, суштината на гревот на самоубиството е во тоа што самоубиецот потпаднал под разни лоши сфаќања и мисли, врзувајќи се за минливите добра, а со тоа отпаѓајќи од Бога и убивајќи го својот живот, кој е Божји дар – нам доверен на чување за вечност, за воскресение и живот, а не за смрт. Всушност богоубиството завршува со самоубиство.

Во таа смисла и еден од најголемите книжевни дејци, големиот Ф.М. Достоевски го напишал следново сведоштво: „Самоубиството по губењето на идејата за бесмртноста е нешто потполно неизбежно, па дури и принудно за секој, кој барем малку се издигнал над животните. Напротив, пак, бесмртноста, која како идеја нуди вечен живот – многу повеќе го поврзува човекот за земјава. Во ова, наизглед, има противречности: ако веќе постојат толку други животи, ако освен земниот постои и бесмртен живот, зошто тогаш до таа мера да го цениме земниот? Но, испаѓа сосема спротивното: само со помош на верата во нашата бесмртност човек може да ја сфати својата разумна цел на земјата. Без верата во својата бесмртност се губи човековата врска со земјата, па таа станува тонење и губење на смислата на животот (макар тоа да се изразува и во облик на несвесна тага) и сигурно води кон самоубиство“.

Исто така, кон овој проблем би ги истакнал и додал и зборовите на познатиот  проф. д-р Владета Јеротиќ, кој во својата статија и осврт за самоубиството запишал: „Губејќи ја верата, или талкајќи по светот со ослабена, па и на различни начини расипана вера, човекот станува сè помалку отпорен и срцев во различните животни кризи, кои денес како да се сè побројни и сè потешки. Без идејата која ги загрева и задоволува и умот и срцето, всушност без верата и љубовта, современиот човек останува и без надежта во моментите на криза (грчкиот збор crisis значи и „суд“); тогаш човекот е затворен за Бога, Кој е единствениот Кој ја дава вистинската надеж, и така станува неотпорен (и душевно и телесно) на злото, кое како магнет го влече во пропаст. Апсурдноста на животниот став, логично, завршува со самоубиство“.

Значи, самоубиството е последица од богоубиството, а преку тоа се оделува од Црквата и нејзината благодатна помош, од молитвите за упокоените и помените,  бидејќи на оние на кои Бог не им е татко – ним ни Црквата не им е мајка.[4]

Најосновни причини за самоубиството се: очајанието, болестите, сиромаштијата, срамот, стравот од казна, тагата, неисполнетите желби и надежи, раскошниот живот, недостатокот од духовно-морален живот. Исто така, и секоја страст кога ќе земе сила може да го доведе човекот во состојба самиот себеси да си здосади, а од таа падната и гревовна состојба, која го одалечува од Бога, може да го спаси само искрената вера и покајнието, кои ќе го вратат во загубениот рај, во Божјите прегратки.

Токму поради тоа ние треба да се трудиме постепено да се отргнеме од мноштвото наши гревови и да се потрудиме што подостојно да одговориме на вечниот евангелски повик: Но, вие бидете совршени како што е совршен вашиот небесен Отец.[5] Покајанието е лек за секој грев, односно гревот против духовната смрт. Нема грев од кој човекот не може да се ослободи со искрено покајание, преку самата Тајна Исповед, па макар тоа да изгледа како најсуровото нешто. Единствено само самоубиството и смртта го спречуваат човекот да се покае, да се обрати кон Бога за простување и поправање. Затоа самоубиството е најголем грев! Гревот на самоубиството и смртта, која го оневозможува каењето се случуваат во исто време, па така смртта и гревот, тука се поклопуваат. Всушност, самоубиството е грев, кој води кон смртта во која самоубиецот останува вечно, бидејќи после смртта нема можност  за покајание.

Гледате ли колку е страшен и безнадежен гревот со самоубиство. Со него човекот несреќно ја приведува својата душа кон вечно осудување и останува грешник до Страшниот Христов суд. Самоубиецот со обидот за бегање од овој свет, односно од ова царство на живот не е примен ниту во вечното Царство, подготвено за оние, кои го љубат. Бегањето од овој свет на таков начин, поради различни проблеми не е бегање, туку пропаѓање. Животот во овој свет, каде се измешани и лошите и добрите не може да биде без проблеми. Затоа да се трудиме не само да го слушаме гласот на Светата Црква, туку и да го исполнуваме, бидејќи: ако и Црквата не ја послуша тогаш нека биде тој како незнабожец и митник.[6]

 

подготвил:

Петар М. Петковски,

дипломиран теолог.

[1] Јн. 14, 6.

[2] Рим. 14, 7-9.

[3] 1 Кор. 6, 12.

[4] Исклучок се прави за оние, кои се самоубиле во несвесна состојба.

[5] Мат.5, 48.

[6] Мат 18, 17.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s