Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

Posted on Updated on

les-3

Епископот Велички Гаврил (Мијалче Парнаџиев) е роден на 10 март 1926 година во Штип, од татко Методиј и мајка Гора. Потекнува од благочестиво патријахално занаетчиско семејство. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Од 1944 година бил учесник во НОВ. Во почетокот на војната бил вклучен како партизан, а по завршувањето на борбите, во 1947 година бил прекомандуван во Корпусот на народната одбрана, во единици стационирани на граница, како специјални одреди составени од одбрани борци. Најпрво бил на граничниот сектор кај Делчево (Царево Село), потоа во Кавадарци, и на крајот, на граничната линија на Кајмакчалан. Во својата единица бил на должност – писар, како строго доверливо лице. Едно време бил и секретар на Скоевската организација. Поради големата ревност во службата и примерно однесување бил предложен и за прием во КПЈ, но поради тоа што “одел в црква“ изостанало примањето во членство. Се стекнал со чин водник и е одликуван со орден “Заслуги за народ“.

По демобилизацијата извесно време бил на служба во градскиот народен одбор во Штип. Две лета учествувал и на работни акции во Нов Белград како и на автопатот Белград – Загреб, каде што добил и пофалници.
Потоа се запишал на факултетот за ликовни уметности во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Според оценката на ревизорот, познатиот уметник Борко Лазевски, тој бил „еден од најспособните педагози во Македонија“. Поради мошне развиената вонучилишна настава, штипската гимназија била прогласена и за најдобро средно училиште во Македонија. Една од вончасовните активности на децата било и издавањето на училишниот весник „Ученичен глас“, кој во свое време бил доста успешен и по многу нешта единствен (учениците сами вршеле клиширање).
Покрај работата во училиштето, како професор, епископот Гаврил работел и како скулптор. Неговите прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип, но и на други места. Со народните власти интензивно соработувал на планот на естетско онликување на својот роден град, за што има добивано и признанија од тогашниот претседател на општината – Ристо Кадифков, како и признанија од други. Како докажан и проверен педагог бил предложен и за професор на Педагошката Академија, која била отворена во Штип. Но кога та отпочнала со работа, тој во 1960 година се преселил да живее во Скопје, таму доста успешно работел како самостоен уметник.
За време на траењето на студиите и педагошката активност, двапоати престојувал во странство. Најпрво како студент во втора година на Факултетот бил на научен престој во Париз, а потоа (1959), со група просветни работници бил на светска уметничка изложба во Брисел.
Сочувани се две спомен обележја направени од рацете на Гаврил. Тоа се спомен обележјата на загинатите родољуби од Кратовско и овековечениот лик на работникот. За жал, многу негови дела “исчезнаа“, како на пример “Момчето со флејтата“.

Познатиот штипски уметник, Тодор Максимов за делата на Мијалче Парнаџиев ќе рече дека се тоа вистински ремек дела. Сè додека бил жив неговиот татко Методиј, скулптурите биле одржувани. Често Тодор Максимов го посетувал Гаврил и во Лесновскиот манастир. Но, тогаш Гаврил повеќе не покажувал интерес за вајарството и се предал на монашки живот.
Од 1963 година почнува вториот период од животот на Гаврил. Тој повикувајќи се на позивот: “Царевото на царот, а Божјото на Бога“, во 1963 година заминал во Грција, со цел да се распраша дали може и под кои услови да отиде во Света Гора и да се остане таму. Грците, за кои се знае дека се непостојани, му ветиле дека кога сака може да отиде во Света Гора, без никакво ограничување. Му рекле дека може да остане во српскиот манастир Хилендар, кој ужива статус на автономна српска територија под крилото на Света Гора. Тој им поверувал и останал таму. Но, подоцна работите се одвивале поинаку. Токму затоа, епископот целиот случај го оставил и предал во рацете на Бога, откако заклучил дека не треба да ги напаѓа грците, бидејќи тоа врмее било моѓне бурно за целата нивна нација.
За сето време, извесни паузи, престојувал на Света Гора. Од време на време морал да оди во Атина и да моли за продолжување на неговото тамошно живеење. Во Атина честопати престојувал и по неколку денови, а таму ноќевал во едно приградско манастирско место – „Лаврион“, или поточно, во еден осаменманастир близу „Лаврион“ – „Света Троица“.
Во Света Гора епископот Гаврил бил во мошне незавидна положба, од причини што политичката состојба во Грција тогаш била проблематична. За него било уште потешко тоа што доаѓал од Македонија, чија Црква тогаш се еманципираше од Српската Црква. Тие отворено му изразиле сомневање дека бил испратен од епископот Доситеј (подоцна прв Архиепископ на возобновената МПЦ) тука да формира македонски манастир, како што на Света Гора сите православни земји имаат свои манастири. Па, таму бил примен само како нивни собрат и искрен православен верник. Тој нивни став бил знак и за другите словенски манастири никогаш официјално да не го прифатат во своите братства. На тој начин, епископот Гаврил бил слободен да оди каде и да сака и да биде најсрдечно приман, но само како привремен гостин!
Така, тој ги посетил сите манастири во Света Гора, а најмногу се задржал во рускиот “Камена“. Тука, во почетокот, извесно време бил како послушник на домаќинот на скитот, стариот 84-годишен руски монах, отец Татјан Иванов, кого во една криза во болеста го однел во матичниот манастир „Свети Пантелејмон“. Тој во манастирската болница, по околу два месеца, починал, па скитот го наследил епископот Гаврил. Во почетокот на управувањето со скитот, голема материјална помош, како и масло за кандилата, темјан и друго, набавувал од рускиот манастир, потоа од српскиот, бугарскиот, како и од грчките метоси „Моноксилит“и „Свети Николај“. Сите тие манастири, кога одел на богослужби, го прифатиле како вистински христијанин. Грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ му дал и писмена гаранција, но Министерството на Грција почитувало некои други закони, а не законот на меѓучовечката љубов. Во истиот манастир епископот Гаврил ја добил монашката раса.
Цело време додека епископот престојувал во Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Зближувањето со Бога сметал дека најдобро може да се реализира преку оддалечувањето од луѓето. Единствени контакти, вредни за спомнување, се познанствата, воспоставени по сила на неопходноста, со тогашните млади српски монаси, а сега веќе архиереи, отец Митрофан, отец Атанасиј Јефтиќ и отец Амфилохиј Радовиќ. Нив посебно ги молел да може да биде примен во манастирот Хилендар, но сите негови напори останале без резултат.
По едно негово енергично барање да му се даде документот „елинопискос“ – грчко државјанство, услов за останување засекогаш на Света Гора, или да се врати во Македонија, тие, уверени дека не е нивни пријател, дефинитивно одбиле да го прифатат барањето и тој се вратил во својата родна земја.
По доаѓањето во Македонија, епископот Гаврил престојувал во повеќе манастири (Света Богородица во село Побожје – Скопско, Света Богородица во Матка – Скопско, Свети Димитриј – Марков Манастир), а во декември 1975 година бил назначен за игумен на Лесновскиот манастир.
САС на МПЦ, со одлука од 30 јуни 1981 година го одликувал со архимандритски чин.
На 28 август 1989 година, бидејќи бил избран со одлука на САС на МПЦ, е хиротонисан во епископски чин, со титула епископ Велички.
Епископот Гаврил, во круговите на МПЦ, па и пошироко, е познат како редок испосник и подвижник, а и како плоден автор на повеќе прозни и поетски творби, пишувани на духовно-морални теми. Неговите размислувања за подготовките и начинот на прославување на големиот Јубилеј – 2000 годишнината на христијанството и формирањето Монашка школа во Македонија – останаа и негови незавршени теми и неисполнети желби.
Епископот Гаврил станал прочуен и како автор на многу душекорисни книги. Познати се: неговата стихозбирка „33 песни за Ерусалим“ (1975), „Света Гора – Небесна земја“ (1978), „Пред најголемиот јубилеј на човекот“ (1980), „2000-годишнината на христијанството е на прагот“ (1981), „Чудата на пресвета Богородица“ (1984, превод), „Правила и одредби на Православната Црква за постот“ (1994), како и други научни студии со богословска, историско-национална и уметничка содржина. Освен тоа, службеното гласило на МПЦ има објавено десетина негови пократки написи со различна содржина. Некои негови наслови се објавени и во Руската задгранична православна црква во Америка.
На 12 јануари 1990-та година, во својата скромна ќелија во Лесновскиот манастир епископот Гаврил спокојно си отиде при Господа. На закопот присуствуваа илјадници верници. “Поради неговата пламена љубов кон Бога и ближните, како и поради неговата самопожртвувана сеоданост кон православието, Господ Бог ќе го насели во своите предели, за да се моли и тој за нас, своите грешни чеда, пред Божјиот Престол…“ – ќе напише сегашниот поглавар на МПЦ, г.г. Стефан во делото на епископот Гаврил. Неуморните пастирски трудови ставија печат врз неговото немоќно тело, но тие не беа залудни. Средбата на многу души, кои талкаа и страдаа по овој свет, со неговите духовни книги беше пресудна. А колку повеќе може да се зборува за личните средби со него! Помеѓу многуте негови духовни чеда постојат и такви, кои тој ги вовел во верата, ги огласил со евангелските вистини и ги подготвил за свето Крштение. Има и такви, кои ги извлекол од калта на гревот и пороците. Некои од нив ги присоединил кон светата Православна Црква. Други, пак, ги упатил на спасителниот монашки пат.

Неговата канонизација за светител е во тек.

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не.

Амин!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s