Екологијата на човековиот дух – како решение во надминувањето на современиот еколошки проблем (Богословски пристап т.е. низ призмата на христијанско – православниот светоглед)

Posted on Updated on


imagesВовед

Зборовите на Брус Чатвин, дека: Номадскиот живот повторно ја воспоставува оргиналната хармонија, која некогаш постоела помеѓу човекот и универзумот, кои одамна ги прочитав и од кои се роди мојот интерес кон екологијата се оние кои беа пресудни и покрај сиот хаос и брзото темпо на живот во овој „современ“ свет и покрај сите заблуди и неуспешни напори тој да се претвори во поубаво место за живеење, да ги прочитам и зборовите на преподобниот Максим Исповедник, еден од големите светила и богослови на Црквата – од кои успеав за миг да сфатам зошто сите напори на екологистите – научници и интелектуалци да најдат некое подобро решение со кое ќе успеат конечно да го решат во корен еколошкиот проблем завршуваат без никаков резултат. Тие не го опфаќаат проблемот во самата суштина, се грижат и занимаваат со последиците, но пак Светото писмо и Светото предание на Светата Црква нè насочуваат на еден поинаков тек и смисла – тие нè насочуваат кон лекување на причината, која го предизвикува овој проблем.

 

Екологијата на човековиот дух – како решение во надминувањето на современиот еколошки проблем

 

„Човекот може целата земја да ја претвори во рај

– само доколку го носи рајот во самиот себе…“

Преподобен Максим Исповедник

Иако христијанското учење дека спасението на светот е условено и е во сторога зависност од спасението на човекот е многу јасно, сепак многумина и денес се измачуваат со низа прашања од типот: Која е  причината за еколошкиот проблем?;  Која е причината за нарушената хармонија на човекот со светот? – Ако убаво размислиме ќе сфатиме дека одговорот не е никаде подалеку од самите нас, односно од нашиот нарушен однос со светот.

Таа пак нарушена хармонија и однос на антропологијата со космологијата, односно на човекот со космосот е резултат на нарушениот и неправилен однос кон Троичниот Бог. Токму тоа го потврдува учењето на Светот писмо, односно од фактот, кој го преставува космосот како храм на првиот свештеник – човекот Адам, кој во храмот, поточно во светот живеел литургиски, т.е. во жива и блиска комуникација со Бога, преку богослужбено принесување и славење на својот Бог – Светата Троица – Творецот на човекот и светот.

Значи поточно причина за таквото постоење и за тие нарушени односи е човековиот грев, кој не е ништо друго освен болест, која ги придизвикува сите нарушувања и уништувања. Гревот е отпадништво од Бога. Токму во денешно време огревовениот човекот како да го загубил чуството за екологија на својот дух, а со тоа и критериумот за вистински и здрав однос со својот Создател и со светот. Колку повеќе тој се одалечува од Бога до толку повеќе го уништува светот и природата, која може да пробуди и внесе чистота во човековата душа. Таа констатација произлегува од взаемниот однос.

Всушност забрзаниот пораст на еколошките проблеми, односно на  главните проблеми: загаденоста, глобалните временски промени, војните,  кои ја доживуваат својата кулминација, поради што човекот денес е длабоко загрижен се појавуваат како резултат на нашата еколошки загрозена душа. Денес како никогаш до сега светот стана тешко место за живеење, бидејќи ние заборавивме на нашата цел – нас и него да го сочуваме чист, онака како што ни беше го дал Бог, па поради тоа загадувањето на воздухот, водата и почвата, и како врв на сето тоа и стресот, односно нарушената екологија на духот – атакуваат на нашата личност и ја нарушуваат нашата духовна рамнотежа, а сето тоа врши и огромно влијание врз нашата психа, на целиот наш организам. Она што се случува во нашата земја и светот во последните дваесет години има огромни реперкусии врз психолошкиот статус на нашиот човек, нарушена ни е рамнотежата, немаме духовен мир, немаме сон, се трошиме многу брзо.

Доколку не можеме да  постигне еколошка рамнотежа на нашиот духовен живот и да се справиме со горенаведените проблеми, човештвото ќе западне во низа неволји, предизвикани од недостаток на енергетски извори и залихи од храна, а исто така и во еколошки катастрофи, кои можат да резултираат во уништување на мнозинството од луѓето, па дури и на цело човештво.

Ситуацијата е критична и, нормално, човекот се обидува да најде излез од оваа криза. Излез има! – Излезот од кризата е во покајнието и во духовната обнова на човековата огревовена личност. Значи решението е во нас, само ние треба да се потрудиме, а пред сè тој труд треба да го практикуваме секојдневно во нашиот стил на живеење, кој треба да стане арт оф ливинг или уметност на живеење. Тоа е превентива. Тоа е таа екологија на духот, која од човекот, кој се наоѓа во една лоша состојба не бара ништо друго, освен да се излечи преку покајанието и исповедта, удостојувајќи се активно да учествува во литургискиот живот, причестувајќи се да воспостави здрави односи, т.е. да ја воспостави нарушената хармонија од вечноста.

Нарушените дарови на човекот како битие почестено со разум, украсено со способност за избор, кое сјае со слободата на волјата, всушност му го заматуваат расудувањето и тој започнува обратен процес, па наместо да не им робува на похотите и да има господствена положба – тој им робува и наместо да го предводи светот се губи во него, заборавајќи ги задачите кои произлегуваат од дадениот образ, т.е. заборавајќи на зададеното подобието и вечноста. Со нозете човекот ја допира земјата, а со лицето е свртен кон небесниот свод – вели Василиј Селевкиски, епископ од V век. Со овие зборови, но токму и самата именка човек или на словенски јазик человјек го покажува истото тоа што го вели епископот Василиј: чело-вјек е суштество со челото кон вечниот век, свртено кон небесната вечност. Тоа се потврдува, но и ни се дава главната задача и служба и во и од самиот одговор од страна на Светиот Григориј Ниски на прашање : Што значи да се биде христијанин? – Името христијанин се открива и докажува во искрена служба на вистината и правдата, на мирот и љубовта, на жртвата и совршенството од страна на човекот, кој го прима и носи тоа ценето име. Значи христијанинот е должен да води грижа за себе си и светот и достојно да го заврши својот пат кон Бога, обожувајќи се и станувајќи бог по благодат да успее да даде добар одговор на страшниот Христов суд. Само така ќе успее вистински да се сочува и себе си и светот во кој живее. Грижата за себе се е грижа за светот и обратно, бидејќи ако успееме пред сè ние да бидеме подобри тогаш и светот би станал подобро место за живеење и нема да ни возвраќа за сите наши грешки како бумеранг.

Заради сето тоа е важна екологијата на нашиот дух. Колку таа е посилна, односно колку е поголема аскезата, постот и молитвата – до толку ние ќе го направиме светот еколошки почист од гревот, кој го уништува, бидејќи ние уништувајќи  се духовно – веднаш правиме и физички и видливи последици во природата и во опшеството, а тоа нажалост е видливо и е резултат на нашата внатрешна расипаност. Надворешниот свет е одраз на светот во нас. Ако ние се соочиме со нашите сопствени сенки, ние ќе продолжиме со потрага по нив во околината околу нас. Ако ние успееме во тоа постепено во нас се појавува можноста за стекнување на имунитететот, но да запомнеме дека во светов никој не е целосно имун на гревот, но во таа еколошка борба на духот за очистување никогаш не е уништена можноста на имунитетот – која целосно сме ја до биле во Христовото Воскресение, во победата на гревот и смртта. Георгиј Манѕаридис во таа смисла напишал: Како што секое лице на Света Троица е совршен Бог и го содржи целото Божество, така и секој вистински член на Црквата станува совршен човек и во себе го содржи целото човештво. Ова се остварува преку скрушеност на егоизмот и безгранична љубов. Но, не само преку скрушеноста и љубовта, туку и преку самопознанието христијанинот станува помудар од другите луѓе. Тој едновремено го достига смиремието и прима благодат од Бога, ни соопштува старецот Јосиф, кој сака да ни каже дека нема понедостоен начин за човекот како икона Божја, повикан кон боговподобување, да ја изгуби својата боголикост (во секој поглед) и да ја промаши целта за која е предзначен, од насоченоста и сигурноста во минливото и пропадливото. Од оваа и ваква состојба само Богочовекот може да нè исцели.

За таа борба е потребно време. Опитот од друга страна, бара повеќе годишен подвиг. Екологијата на споствената ни душа не се постигнува така лесно. Секогаш е потребно време. Бара и трпение и смирение, бидејќи секогаш човека тежнее кон сега и веднаш. Затоа најчесто сите завршуваме со погрешни избори. Во овој контекст треба да се знае дека таа  борба со страстите е наша животна борба, таа борба помеѓу двата принципа: духовниот и телесниот – таа борба е живот, но знаејќи ги зборовите на Максимус Д. Меридиус: Она што го правиме во животот, прави ехо во вечноста, ние уште повеќе треба да се залагаме за вечен живот уште од со првите искушенија да се вооружаме со добродетели. Без искушенијата човек не знае што има во срцето – колкава љубов, вера, покајание, смирение, колкава му е молитвата. Борејќи се со искушенијата, човекот се гради како личност, а трпението во најстрашните искушенија е и најголемо сведоштво на Христос. И од сведоштвото на Светиот Исак Сирин дознаваме дека: онолку колку што човекот се доближува кон Бога во своите намери, токму толку и Бог се приближува кон него со дарот на талантите, па тогаш за прв пат дознаваме за тоа дека колку и животот да е тежок и суров кога се покоруваме на природните закони, но сепак тој е и толку интересен, убав, лесен, богат и прекрасен, кога допуштаме да владеат Божјите закони. Кога Бог престојува во нашето срце, сè е толку величествено: се отвораат нови хоризонти за кои предходно мислевме дека не постојат. Дури тогаш ќе успееме да ја сфатиме смислата на нашето живеење на земјата. Дури тогаш ќе осознаеме дека човекот е создаден од Бога според образот Негов и е плод на Неговото безгранично човекољубие.

Сите наведени досега излезни мерки од кризата се дел од патот до обновување на целината на создаденото, за спас на светот и на човекот, кој лежи единствено во рацете на Богочовекот Исус Христос. Само преку олицетворение на Бог, човекот може да ја постигне божественост на својата сопствена природа и онаа на целиот создаден свет. Суштината на Христијанската идеjа се состои во следново: човекот е неспособен со сопствени сили да ја обнови својата зaгубена заедница со Бог. Човечкото спасение е постигнато од страна на Бог, зашто самиот Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен (Јован 3, 16). Но, да се спаси човекот против неговата волја е невозможно; човекот е поканет да одговори на Божјата љубов, да одговори со себеодрекување, со покајание, со одење по Христос, со учество во антрополошкото, зачувувајќи ги достигнувањата. На овој начин креативната и продуктивна активност на човекот е наречена соработка со Бога и на овој начин служи како средство за спасение и обожување на создадениот свет. Во оваа соработка, синергија (взаемно помагање) лежи клучот за постигнување правда и мир со Бога и еден со друг.

 

Заклучок

 

Од сето ова можеме да заклучиме дека решението на овој проблем може да се случи единствено преку Црквата, односно преку личното обожение на личноста. Спасението на човекот е спасение и на светот, бидејќи тоа е во рацете на човекот, кој е носител на целото создание – предводник кон Божјиот дом. Со библиското учење се дава до знаење дека човекот е создаден да биде свештенобитие, кое соочувувајќи го светот, а со тоа и самиот себе си – ќе успее да даде одговор за спасение и живот пред Творецот. Значи светот е создаден заради човекот и Бог од човековите раце ќе го побара светот и тоа: сочуван, разубавен и спасен – за со тоа вечно да пребива во Неговите прегратки.

 

подготвил : Петар М. Петковски,

студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s