За славењето на свети Трифун и свети Валентин

Posted on Updated on

1_118776

Факт е дека сме во еден вид на духовно робство кое ни го наметнува западниот концепт на живеење. Речиси сите нешта се искомерцијализирани, а сето тоа не го одминало ни современиот Православен човек. Така е со ликот на Дедо Мраз, за кој многу мал процент на православни знаат дека всушност вистинскиот Дедо Мраз е светиот Николај Мирликијски, но таков е и примерот со светиот свештеномаченик Валентин епсикопот Интерамниски.
Целата таа заблуда околу ликот на овој светител се појави пред некои десетина години како една појава која ни дојде од западниот свет. Не можеме да речеме дека ни е наметната, бидејќи никој не може на сила да ни даде нешто, туку би рекол дека ние ја пречекавме со ширум отворени порти бидејќи ни дојде како една романтична приказна за тинејџери кои почнуваат да ја искусуваат љубовта и тоа беше еден повод да се изрази љубовта кон саканиот. Зарем имаме потреба од одредени денови или празници за да изразиме љубов кон некој, да му кажеме колку го сакаме или да го изненадиме со некој подарок. До душа овде не се работи за изненадување бидејќи сите оние кои паѓаат на романтиката го очекуваат. Потоа се јави прашањето за тоа каков светител е, дали е „наш“ или католички и дали треба да го славиме свети Трифун (кој се слави на истиот ден) или свети Валентин – закрилникот на вљубените?
Сега ќе се обидам на кратко да објаснам за светиот Валентин и за начинот на неговото празнување. Светиот Валентин живеел во третиот век по Христа во градот Интерамни во Италија (пострадал маченички во 273 година) и за време на својот живот направил многу чуда во Христово име. Овој историски податок јасно ни говори дека овој светител спаѓа во редот на Православните бидејќи сите оние кои со својот живот посведочиле за Христос и се удостоиле за светителски венец до 1054 година кога западната црква се одделува од Источната, без разлика на местото на нивното живеење спаѓаат во редот на светители кај православните и кај католиците. Светиот Валентин е познат на Православната Црква и се празнува на 12 август (односно 30 јули по стар стил), а неговото житие го има и во „Охридскиот пролог“ напишан од епископот Николај.
Сега се поставува прашањето зошто споменот на светиот Валентин не се чествува во ист ден кај двете Цркви? Поместувањето на датумот е направено од страна на католичката црква со цел да искорени (или да му се даде христијанска димензија) еден многубожечки обред кој наполно се косел со христијанските норми на етичко живеење. Имено на овој ден во Рим се одржувала една манифестација во чест на волците која ја нарекувале Луперкалии (најверојатно името доаѓа од латинскиот збор lupus што значи волк и се мисли дека празнувањето е во чест на волчицата која ги хранела Ромул и Рем – првите жители на градот Рим) каде што жрецот жртвувал коза бидејќи таа му е омилена храна на волкот, а со крвта се премачкувале две момчиња кои после жртвувањето од кожата сечеле ремени кои се викале „фебруа“ (најверојатно тоа е коренот на името на месецот февруари) и трчајки голи и измачкани со крв ги удирале жителите, а ударот од момчињата се сметал за голем благослов. Крајот на празнувањето може да го претпоставите, пијанство и оргии – класичен римски стил. Црквата сакајќи да го отстрани тој душепогубен празник решила на тој ден да го премести датумот на празнување на светиот Валентин со цел да се идеализира и велича љубовта кон Бога и кон ближниот, теми за кои светителот зборувал и пишувал. Погрешни се тие мислења кои беа пласирани од медиумите дека светиот Валентин тајно ја извршувал Светата Тајна Венчание над оние кои што пристапувале кон неа, бидејќи историјата на Црквата и литургиката тврдат дека во времето кое живеел светителот немало некаква пишана форма за извршување на оваа тајна, па така овој податок не може да се прифати како веродостоен. Но, ова не значи дека ние не можеме да просиме од светителот молитвено застапништво пред Бога за успех во љубовта.
На овој ден Светата Православна Црква го чествува и празникот на светиот маченик Трифун кај нас познат и како заштитник на лозарите бидејќи овој ден по традиција лозарите ги закројуваат своите лозја. Традицијата со закројувањето само по себе не е лоша бидејќи од светителот се бара молитвено застапништво за побогат род, она што е лошо и што ја растажува целата Црква е тоа што на овој маченик му се дава еден крајно недоличен епитет, кој ни не смееме да помислиме да му го дадеме на било кој човек, а најмалку на светител кој се моли за сите нас. Навистина срамо е да го нарекуваме пијаница. Никаде и во ниту едно житие не е напишано дека светиот Трифун пиел алкохол, а камо ли да се опива. Кој пијаница влегол во Царството небесно? Но, не се задоволуваме само со тоа што погрдно го именуваме светителот, туку и го славиме на недоличен начин – односно на тој ден, во име на светиот Трифун се собираме на седенки и пиеме вино до бессвет мислејки дека му угодуваме на Божјиот угодник. Ќе речам дека сме полоши од многубошците кои се пијанчеле за време на празниците бидејќи тие не знаеле за Христос и за Неговата спасоносна наука, а ние удирајќи сме во гради дека сме Христови и му служиме Нему стануваме многу полоши од нив! Ние сме повикани да пиеме вино, но не за телесно задоволство, туку да го пиеме виното и да го јадеме лебот кои благословени од свештеникот за време на Литургијата се претвораат во вистинско Тело и Крв Христови. Но, нам полесно ни е да се собереме на седенки, да празнословуваме и да се опиваме отколку да појдеме да земеме учество и да се помолиме на Светата Литургија, или полесно ни е да тркнеме до најблискиот gift shop и подариме нешто на денот на светиот Валентин отколку да се помолиме во храмот и по молитвите на светителот Бог да ни дари љубов, но не љубов телесна, туку љубов кон нашиот Создател, љубов братска, љубов кон нашите пријатели и нашите непријатели.
Свети Трифуне и Валентине молете го Бога за нас заблудените.

ѓакон Димитар Арсовски

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s