ЗА РАДОСТА НА РАЃАЊЕТО

Posted on Updated on

Денес подари ми го твојот копнеж 

– Смислата на животот е да се спознае Вистината која ослободува. Наспроти здобиената слобода од политичката и социјално-економската стабилност, која во денешницата се претпочита, човекот на дар од Богомладенецот “денес” ја добива онтолошката слобода. Таа слобода е да се биде личност, повик кој не смее да се занемари – Преданието вели дека, кога во себе си се прашал што да му подари на воплотениот Богомладенец, блажени Јероним слушнал безгласен глас: “Подари ми го твојот копнеж”… Но, истиот тој копнеж се насочи кон сетилните нешта, кон минливиот и пропадливиот свет, се претвора во страст. Затоа, да внимаваме по што копнееме, да внимаваме што подаруваме
12400707_1129440990400719_6843463493223272008_n

Раѓањето, како чин, сеедно дали станува збор за новороденче, пиленце, јагненце или за будењето на пролетта, секогаш побудува радост и највозвишени чувства. Колкава би можела тогаш да биде радоста за раѓањето на Синот Божји?    – Раѓањето на Богочовекот Христос е реален, конкретен и историски настан. Богомладенецот во Витлеем му откри и му дарува на човековиот род нов начин на постоење. Воплотувањето на Логосот му овозможи на човекот да постои како личност, но секогаш  наспроти другиот. Љубовта го обожава човекот, но, истовремено, може да се каже дека таа го очовечува Бога. На овој начин љубовта се јавува како онтолошки мост што ги поврзува творецот и тварта. На сите оние кои во литургиските димензии и преку иконата на Рождеството Христово личносно го доживеале посоченово, позната им е радоста на оваа тајна.

Конечно, раѓањето значи живот. Но, дали му се радуваме исто толку колку и на раѓањето? Колку го цениме?   – Нашиот современик, модерниот човек на 21 век отворен за секакви можности, подобро од своите претходници ја насетил трагичната основа на подарениот пакет на биолошкото постоење во историјата. За него, фактот на биолошкото раѓање не значи и добро живеење. Речиси исто како што фактот дека е човек не значи автоматски дека е и личност. Соголен од хуманистичкото толкување, поимот личност е неизбежно сврзан со светоотечката теологија. Во древната патристичка литература Црквата се споредува со “мајка”. Тоа е затоа што во утробата на Црквата се зачнува едно (ново) раѓање каде што човекот се раѓа како личност т.н. еклисиолошка (црковна) ипостас наспроти онаа првата, биолошката. Новиот начин на постоење како личност ја возобновува радоста на животот која почнува да се усвојува во литургискиот простор. Токму овој амбиент е местото каде што ние, пастирите, посебно треба да се вложиме за да се почитува животот како дар од Бога.   Колку е можно во една ваква разочарувачка економско-социјална состојба да не се загубиш, да ја откриеш смислата на животот, изворот на духовната енергија без која не може да се продолжи натаму?  – Смислата на животот е да се спознае Вистината која ослободува. Наспроти здобиената слобода од политичката и социјално-економската стабилност, која во денешницата се претпочита, човекот на дар од Богомладенецот “денес”  ја добива онтолошката слобода. Таа слобода е да се биде личност, повик кој не смее да се занемари.

Од друга страна, пак, дали Божиќ, како своевиден перпетуум мобиле што, еве, ни се случува над два милениума, не ни ја испраќа силната порака да се “преродиме” во подобри личности?   – Моралистичкиот концепт претпоставува дека тварта може да се поправи, да се прероди, подобри, та дури и да се восоврши, негувајќи добродетели и држејќи го природниот и божјиот закон. Ваквиот модел ја промашува божиќната порака на подарениот и откриениот начин на постоење како личност. Ние веруваме дека без Христа не може да постои вистинска личност, како ни неразделивоста на нејзините составни елементи – љубовта и слободата.   Ако раѓањето на Синот Божји, токму во пештера, симболизира скромност, дали моментот кога тројцата мудреци го даруваат, не е повик до сите нас – да даруваме?  – Позната е традицијата за подарување на Божиќ. Преданието вели дека, кога во себе си се прашал што да му подари на воплотениот Богомладенец, блажени Јероним слушнал безгласен глас: “Подари ми го твојот копнеж”. Во поривот на еросната љубов кон Бога, во високиот мистичен полет, душата, во свештено истапување, во екстатична состојба, се соединува со Бога. Но, истиот тој копнеж може да се заврти и спротивно и, наместо кон Бога, да се насочи кон сетилните нешта, кон минливиот и пропадливиот свет. Во таков случај копнежот се преобразува во страст. Затоа, да внимаваме по што копнееме, да внимаваме што подаруваме.  Новиот живот, во принцип, е плод на љубовта. Животот, пак, без љубов, не е живот. Се препознаваме ли денес меѓу себе по оваа врвна човекова доблест?   – “Современиот човек излегува од ‘овој век’ како ужасно сериозно, созреано суштество, свесно за своето страдање и отуѓување, но не и за радоста; свесно за сексот, но не и за љубовта; свесно за науката, но не и за тајните…”, пишува отец Александар Шмеман. Ако за нас,  христијаните, се вели дека светот ќе не препознае по љубовта дека сме Негови ученици, ние на светот му велиме дека, секаде каде што е вистината – таму е и Христос. Секаде каде што мудрите луѓе наоѓаат свој пат, та дури тоа да го прават на несовршен начин, Он е нивната мудрост и пат. Секаде каде што постои сила и убавина, Он им е потеклото и целта. И каде што има љубов, Он и  е извор, содржина, правило, нејзин носител и Оној  Кој ја објавува на светот.

Божиќ е. Христос се роди! Сепак, ни остануваат верата и надежта да се исполниме со љубов. Прашањето е како најдобро да го одработиме тоа?   – Вистина се роди! Да го насочиме своето внимание кон оние осветени и обожени личности коишто со својот личен пример во историјата ни покажаа дека е возможно да се љуби. Старецот Софрониј од Есекс (1896-1993), кој од личен опит ни посведочи дека “таму каде што е љубовта исчезнува стравот”, ни советуваше да се принудуваме да љубиме, бидејќи тоа е императив од Апсолутот. Свеста дека Христовата заповед ги надминува нашите сили е причина “да дојде и да Го исполни во нас сето она што Го заповедал”. А,  кога “Ќе дојде”, тогаш се е поинаку!

г. Климент, епископ Хераклејски,

игумен Зрзески

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s