Слово за светиот отец наш Климент Охридски

Posted on Updated on

 

0587… Тебе како проповедник и апостол на Господа со песни те славиме …

         

Свети Климент Охридски е Христов апостол, пастир, литург, светител, просветител, ревносен мисионер, автентичен сведок и примо – предавач на апостолското предание и основоположник на словенската писменост, култура и црква, кој  не само во Македонија што не дозволил да изгине  посеаното семе од неговите свети учители, туку до самиот крај самопрекорно работел на тоа да го негува, на тој начин, поставувајќи го во културната историја евангелскиот принцип :  Одете и научете ги сите народи … (Мат.20, 19), та да може секој на својот сопствен јазик да се моли, да пишува, да комуницира, да твори и така со своите духовни постигнувања да го збогати и другите народи.

Во својата богата дејност најмногу настојувал да всади во луѓето вистинско христијанство. На тој начин луѓето биле збогатени со вечните евангелски вистини и со светлиот христијански морал и љубов. Успеал да го всади евангелието во црквата, во просветата, во образованието, во книжевноста, во државодворството и во општествените односи. Проповедајќи го сето тоа на народот му дал нова евангелска боја и ја евангелизирал неговата душа, неговата свест, волја, мисла и чуство. Се трудел морално да ја препороди секоја човекова личност и да воспостави високоморален поредок во сите сегменти во животот на својот народ.

Во сите сфери ја сеел љубовта, која ја имал во изобилие кон Бога и кон сите луѓе и народи, знаејќи дека пред Бога нема … ни Грк, ни Римјанин … ( Рим. 10, 12 ). Преку него во народниот организам е влеан евангелскиот дух, а во душата на нашиот народ – животворниот сок, кој ја дочувал светлината и чистотата на народниот дух низ целата наша макотрпна историја. Словените во Македонија пред неговото доаѓање живееле и тонеле во многубожечкиот живот и идолопоклонството и биле далеку од духовното христијанско и културно живеење, но со неговото доаѓање преку неговата чудотворна пастирска дејност, проповедајќи ја Книгата на вистинскиот живот и светлина успеал да ги воведе во вистинскиот Христов пат и во Богопознанието. Знаел дека на народот му била потребна духовната сила, која ќе ги закрепне и во својот полн сјај ќе ги озари. Тоа озарение било преку него, односно овој народ го пронајде … Патот, Вистината и Животот … ( Јн. 14, 6 ) – Господа Исуса Христа, Кој е идеал на сите времиња и векови. Со Светото Евангелие ги решавал сите прашања за животот, па и сите материјални потреби и неопходности, та затоа кај него немало ни паѓања, ни колебања, ниту очајание, ни страв, ниту, пак попуштање пред никакви опасности или искушенија. Успеал помеѓу византиската култура да ја постави народната култура на нашиот народ.

Знаел дека пастирот мора да биде образована личност и направил сé што можел да го постигне тоа кај пастирите на својот народ како прв помеѓу еднаквите, преку изучувањето на богословските науки, а особено со проучувањето на Светото Писмо, кое е основа на сите останати богословски науки. Пренесувајќи им ја евангелската порака на своите ученици со смирен глас им говорел дека не е доволно само да не правиме зло, туку да правиме добро : Прави го она што сакаш тебе да ти го прават другите ( Мат.7, 12 ). Сите ги советувал на Богољубие и братољубие. Не проповедал само со мудри зборови, туку и со живот – живеејќи според добродетелите.

За светиот Климент достојно може да се каже дека ги остварил во својот свет живот свето Павловите зборови : Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. Тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себе се предаде за мене ( Гал. 2, 20 ). Освен во себе, Христа го внел во душите на луѓето и на својот народ, од кој успеал од варварски пагани да создаде кротки Христови јагниња … Ако не бил таков, Свети Климент ќе бил обичен како и другите, но поставувајќи си високи цели на човечко, духовно и морално самореализирање како монах и Божји помошник на нивата Господова, е прославен со светителски чин и Него слава Му прилега во сите векови.

Денес нашата Црква го истакнува и тоа дека ние преку него најмногу сме се доближиле до Господа Исуса Христа. Неговото дело не обесмртило и пред Богочовечкото и пред сéчовечкото значење. Преку него, ние сме станале носители на нашите вечни вредности. Токму затоа постои нашата тајна врска со светителот, бидејќи народната душа културно се отелотворува преку делата на големите луѓе, меѓу кои се и светителите. Во свети Климента како патрон и просветител ние ја наоѓаме основата на нашиот јазик,просвета, црква, култура, книжевност, творештво и дух …

Врз основа на сето ова се заклучува дека Светоклиментовиот живот и дело биле пресудни да се прогласи за светител, а тие и денес се основа за културен и духовен развој на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква и држава, бидејќи преку неговото ангажирање и преку чуството за служење на Бога и на сопствениот народ, му помогнал во просветлувањето и во рачистувањето на патот при неговата идентификација и пред Бога и пред светот, како и при неговото рамноправно вбројување меѓу културните народи на Балканот, Европа и низ целиот свет.

 

подготвил : Петар М. Петковски,

студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s