За светите мошти и реликви

Posted on Updated on

Sveti Jovan Rus6Вовед

Почитувањето на светците – е составен дел на православната духовност. Со разгранувањето на Богословието како наука низ времето, односно со неговото делење се појавила и посебна богословска дисциплина, која во својата предметна задача и цел ги има токму изучувањата за светоста и христијанските светци. Таа наука се нарекува Агиологија ( грч. αγιος „свети“ и „λογος“ збор, наука ). Значи таа е наука, која за задача има да го објасни богословскиот и историскиот аспект на светоста, која е едно од основните Божјите својства.
Светоста и светителството уште од почетокот на христијанството ја претставувале граничната состојба на човековото постоење. Крајна цел на човековиот двиг по скалата на животот е да се восоврши и обожи до мерата на растот Христов. Меѓутоа, светоста е сепак дар одозгора, не е заслуга за нашето подвижништво. Бог е Тој Кој од љубов нè дарува со светост, а со тоа и нè спасува, бидејќи никој кој не е свет нема да го наследи ветеното Царство Божјо, подготвено за оние, кои го љубат. Со текот на времето, откако од протестантизмот се изроди секуларизмот, светоста се прогласи за недостижна категорија, па наместо да се возвиши со тоа што ќе се воздигне до недофатливост, таа се понизи со тоа што се сведе на ранг на непостоење. Секуларизмот не остана невлијателен дури и во Православната Црква. Таа создадената клима за жал сеуште е карактеристика во некои православни средини, а нејвпечатлив факт за постоењето на таа е релативизацијата на светоста и нејзиното поставување на ранг на недофатливост. Не е чудо зошто тогаш и во православната Црква до пред неколку децении беше скоро невозможно некој да биде прогласен за светител. Но, одалечувајќи ја светоста до подрачјата на апстракното, животот се сведе на многу приземна исклучиво биолошка категорија на постоење. Во таквата клима се релативизираа и многуте пратечки атрибути на светоста какви што се нетленоста на моштите, осветувањето на околината која нè опкружува, па сè до добродетелноста која претставува етичка одлика на светоста.
Во оваа семинарска работа ќе имаме за цел да ја покажеме врската помеѓу светоста на животот и нетленоста на моштите, која секако се одвива во корелација со литургиjскиот живот на Црквата, зашто Литургијата е суд на сите животни вредности.

AlexandroSverFootAlexandroSverHand

Светите мошти и реликвии

Светот е створен за да ја наследи вечноста. Но, не вечност осакатена, иминимизирана, вечност само на некаков духовен свет во кој материјата нема никаков дел. Идниот живот ќе ги задржи сите димензии на постоењето, збогатени и украсени. Единствено што ќе отсуствува е гревот кој е квасец за расипливост и пропадливост на творбата.
Светоста е императив на постоењето, а обожението единствен начин на постоење, кое се случува единствено во литургијата, која преставува простор за восовршување во вечноста, т.е. во Црквата се преобразува и се осветува целокупниот живот на творбата. Единствено затоа што е преобразен, светот ќе се покаже дека останува без влијание од законите, кои важат во него ако истиот се движи кон погрешна насока. Створен е за да заедничари со Бога, а не да самопостои. Сè што е створено бара некого да го одржува во постоење. Истото е и со светот, кој без Бога е затворен во сопствената самораспадливост. Во Литургијата, човекот ја принесува сета твар во заедница со Бога. Но, не го прави тоа во свое име туку во име на Христа, Кој во себе, односно во една личност ги соедини створената и нестворената природа. „Неслиено и неизменливо, неразделно и неодделиво“ . Конечното осветување и обожување е акт на иднината, а Царството Божјо е царство на осветените и обожените.
Тајна или чудо го викаме тоа, да истиот тој свет подложен на законите на створеноста, во моментот кога влегува во заедница со Бога го менува квалитетот и се покажува неповлијаен од законите на створеноста . Но, зошто тогаш, ако сите оние, кои се причестуваат со телото и крвта Христови се свети, што е јасно воочливо од литургијските текстови, сепак Црквата за некои од тие светители определила денови кога се слави нивниот спомен, а за други, пак, кои исто така се свети бидејќи заедничарат со Бога, не се определени денови за нивниот спомен? – И покрај тоа што потенцијано се свети сите оние кои задничарат во телото Христово, сепак Црквата, добивајќи гаранции „одозгора“ ги прогласува некои за светители уште пред конечно да биде устроено Царството Божјо. Последиот збор затоа кој е свет и спасен ќе го има Христос на Неговиот Страшен суд. Но, некои членови од телото Христово многу впечатливо се истакнуваат по нивната есхатолошка ориентација уште за време на нивниот земен живот,а со тоа постануваат светли примери на кои се учат на побожност многу генерации после нив. Некои светлеат со својот пример на пожртвованост за верата, некои се учители, некои се исповедници некои големи подвижници, но што и да се, Господ ги покажал за од Него возљубени и долично ги прославува како што тие го прославуваат Него. Најголем гарант „одозгора“ е благодатта, која Бог ја испраќа на Црквата Своја таа да ги распознае во себе оние кои се вистински Божји угодници. Но, покрај тоа, Бог често пати испраќа и видливи знаци со што ги воздигнува оние кои Него го воздигнуваат. Или на своите избраници, кои ги посветува и обожува им дава да прават чудеса во Негово име, или им овозможува да постават критериуми на однесување во средината и во епохата во која живеат и на тој начин да бидат признати за углед и од самите нивни сограѓани, или пак дури после смртта ќе ги открие нечии скриени подвизи со тоа што ќе ги покаже нечии мошти како свети и нетлени. Така основен услов за некој да биде прогласен за светител, и покрај тоа што потенцијално се свети сите членови на Црквата, сепак е односот кој Бог го има кон тој член и знаците што сам Тој ќе ги даде на членовите на Црквата за некого да го признаат за светител. Еден важен знак е секако нетленоста на моштите, односно најопиплив доказ и печат за светоста на животот, за промената на квалитетот на творбата и за нејзината вечност и нераспадливост кога е во заедница со Бога се светите мошти на светите Божји угодници кои се покажуваат нетлени. Тие се доказ за осветувањето на целокупната творба.
Под свети мошти и реликвии (гр. λειψανα, лат. reliquiae) од светителите се подразбираат благодатните остатоците од телата на светителите, но и оние предмети што светителите ги употребувале додека биле живи или се некако поврзани со нив. На пример: облека или маченичко оружје и итн. Црквата не го вовела почитувањето на моштите и реликвиите со некоја позитивна наредба, туку ова го вовел христијанскиот народ, а Црквата го дозволила. Таа го направила ова, од една страна, да им удоволи на човечките чувства, кои ги почитуваат хероите на христијанството и во нивните остатоци, а, од друга страна, за да го побуди и да го одржи во срцата на христијаните споменот на светителите, на нивните доблести и, најпосле, на тој начин и надворешно да се изрази свеста на христијанската заедница и истата да се поучи. Светителите се осветени како луѓе, кои што имале тело и дух. Оној кој го почитува духот на светителот, не може да биде рамнодушен кон телото, кое за време на животот на светителот било во најтесна врска со духот на светителот,бидејќи „ телото е храм на Светиот Дух“ . Исто така, ги почитуваме и предметите што биле во тесна поврзаност со светителите, бидејќи тие не потсетуваат на нив и затоа што човекот чуствува потреба да го оживее споменот за мртвите преку она што останало по нивната смрт и понатаму, овие предмети им служеле на светителите и преку таа употреба станале на некој начин осветени.
Божја Црквата е еден голем трезор на свети мошти, бидејќи истата е работилница во која светот се преобразува. Тука, во Црквата, вечноста е оприсутнета во времето. Причестувајќи се со нестворените Божји енергии христијаните напредуваат кон конечната цел, Царството Божјо. Но, некои од нив, навистина се истакнуваат со силата на намерата и со интензитетот на движењето кон тој конечен настан за творбата. Затоа и можат со целокупното свое битие да го сведочат тој есхатолошки настан кого заради силната вера веќе го вкусиле, иако сеуште конечно не настапил. По смртта, пак, го оставаат и последниот печат на нивното преобразување, а тоа е нетленоста на моштите.
Историјата на почитувањето на светите мошти и реливии датира уште од времето по смртта на пророкот Мојсеј, чии што коски Бог ги сокрил сè со цел да не претераат со нивното почитување. Исто така во ковчегот на Заветот се чувале: разцутениот жезл на Арон, златен сад со мана и др. Значи основа за почитување имаме уште од Стариот завет . Едно од најстарите, пак подоцнежни сведоштва за почитувањето на св.мошти имаме кај Светиот маченик, епископот Антиохиски и апостолски ученик Игнатиј Богоносецот, кој се упокоил маченички во Рим († 104-116 ), растргнат од дивите животни. Коските на светителот биле собрани со пиетет и донесени во Антиохија и сочувани во еден ковчег како непроценлива скапоценост. Исто така, писмото од Смирската црква за мачеништвото на епископот Смирски и апостолскиот ученик, Св.Поликарп ( † 155 ). Смирските христијани, откако ги собрале неговите коски, ги чувале со побожност, бидејќи им биле поскапоцени од злато и скапоцени камења и таму каде ги чувале го славеле неговиот спомен со голема свеченост. Во подоцнежните дела имаме многу сведоштва за почитувањето на остатоците на мачениците и тоа било тесно поврзано со утврдувањето на верата во воскресението.
Црковната историјата на Евсевиј, еп. Кесариски ни сведочи колку почитувањето на моштите било равиено во 3 век и тоа во еден расказ , каде што се зборува за тоа како незнабожците за време на гонењата врз христијаните од страна на царот Диоклецијан во Никомидија ги фрлале во море моштите од светителите за да не би можело да им се укаже почитување. Свети Атанасиј Александриски и Антониј Велики ни сведочат дека христијаните се обидувале на секој можен начин да ги соберат коските од мачениците и ги чувале на места достојни за тоа. Крвта од мачениците се собирала во сунѓери, марами и чаши, па истово се случувало и со разните предмети што ги употребувале мачениците додека биле живи, посебно биле собирани оружјата на нивното мачеништво, почитувајќи ги и славејќи ги нивните гробови.
По Миланскиот едикт во 313 година кога конечно престанале страшните гонења на христијаните над гробовите од мачениците биле подигнати цркви и капели. Кога се граделе храмови во прогонувањата, истите не смееле да бидат осветени сè додека не се ставеле мошти од светител под престолот, па и ап. Јован зборува за душите на мачениците под Небесниот олтар . Во тоа време верните почнале да прават поклоненија на св. гробови, реликвии и во црквите посветени на св. апостоли и светители. За ова св. Јован Златоуст вели : Види го народот кој оди на гробовите од мачениците, види ги народите кои горат од копнеж по мачениците . Самиот Златоуст сакал да отиде во Рим и на гробовите на Светите апостоли Петар и Павле. Ова посебно се случувало во 4 век, кога на моштите од светителите им се препишувала полезна и чудотворна сила. Христијаните биле радосни кога можеле да се допрат до кивотот на мачениците и носеле разни златни и сребрени поклони. Градовите и селата се бореле за моштите од светителите, ги делеле помеѓу себе и ги носеле при големите свечености од едно во друго место .
Кападокијските свети отци сведочат за верата и надежта во полезната помош од страна на светителите и нивните реликвии била неизмерна кај верните, кои почнале да ги пренесуваат моштите од едно место во друго уште во времето на царот Костантин и царицата Елена, кои граделе велелепни цркви за вечна почивка на моштите. Први пренесени мошти биле оние на св. првомаченик, архиѓаконот Стефан, па на светите апостоли. Со текот на времето се умножувале моштите од едно место на друго преку нивно разделување, односно давање на честички од телата. За тоа ни сведочи бл. Теодорит Кирски (393-466). Свети Јован Златоуст ни говори : Бог со нас ги разделил светиите : Сам ги зел душите, а нам ни ги дарувал телата, чии свети коски ние ги имаме како постојано побудување кон добродетелите.
На Седмиот Вселенски собор се донело правило, кое заповеда при осветување на храм моштите од светителите да се поставуваат или вградуваат во чесниот престол, или исто така се прешиваат во антимисите кога истите се осветуваат. Така овој Собор јасно сведочи дека за да епископот освети храм мора да има свети мошти. Свети Јован Дамаскин во своите беседи ни пишува за чудотворната сила, која вечно зрачи од моштите, а Светиот Ефрем Сирин за светите маченици вели: тие и по смртта ги чувствуваме како живи : ги исцелуваат болните, ги изгонуваат бесовите и со силата Господова го изгонуваат секое зло нападствие. Во светите мошти сега присуствува чудотворната благодат на Светиот Дух.
Многумина епископи се занимавале со пронаоѓање на светите мошти, кои со тек на времето Бог ги откривал и ги открива пред лицето на верните. Така почитувањето на моштите се одразувало преку : смирено собирање и чување ; во торжественото откривање и пренесување ; во востанувањето особени празнувања во чест на нивното откривање и пренесување ; како и во полагањето во светите престоли и антимиси. Светите мошти не потсетуваат на светиите, кои со своите страданија го победиле гревот и се удостоиле за живот и за воскресение.
Пред светите мошти времето како да застанало, а законите на природата како да немаат сила. Тие го сведочат новото време, кое го очекуваме. Го сведочат општото воскресение после, кое материјата ќе покаже нов квалитет, кој не ќе биде подложен на распаѓање. Затоа и толку голема грижа покажуваат христијаните кон моштите на оние кои, посветувајќи се ја преобразиле и материјата до толкава мера што таа се покажува неповлијаена од законите на тварноста. Црквата се грижела за моштите на починатите, а сè само заради тоа што била свесна дека воскресението за идниот живот ќе биде воскресение како на душата така и на телото. Царството Божјо колку што ќе биде духовно толку ќе биде и материјално зашто доказ се токму светите мошти, кои уште сега ја сведочат силата на преобразбата, колку повеќе ќе ја сведочат тогаш кога целата творба ќе биде преобразена.
Како што Црквата внимава да го зачува литургијскиот живот, како што се грижи за чистотата на светите книги, исто толку внимателно се однесува и кон светите мошти кои ги смета за предание и особена благодат Божја. Се чуваат на особено украсени места и се изнесуваат пред верните само во определени денови за сите нас да не поткрепат во верата и надежта. Зашто тогаш кога имаме доказ за воскресението, а што често пати бараме, тогаш и верата наша постанува поплодотворна, а и надежта наша поостварлива. Впрочем, затоа Бог и ни ги оставил светите мошти, за гледајќи ја нивната нераспадливост да не мислиме дека е неможно уште сега да се преобразиме и осветиме.

Заклучок

Бог го створи светот и човекот за да се осветат и обожат. Осветувањето е можно само во заедница со Бога. Ниту еден индивидуален подвиг не може да го замени заедничарењето во Телото Христово, кое е Црква. Црквата, пак, се пројавува на Литургија и нема Црква без Литургија. И бидејќи никој не се осветува и не се обожува надвор од Црквата, тогаш никој не може да се освети и обожи надвор од евхаристијскиот живот. Оние, кои учествуваат во евхаристијскиот живот се потенцијални светители. Не по природата на сопствениот начин на постоење, туку затоа што заедничарат со Оној, Кој Е единствен Свет и Кој ја совршува Евхаристијата, а тоа е Христос. Доказ, пак, за светоста и преобразбата на тварната природа се светите мошти на оние кои уште во текот на нивниот живот изградиле присна заедница со Бога. Преку нераспадливоста на нивните свети мошти Бог ни покажува дека е можно човек во текот на еден земен живот да се освети и обожи, но само ако заедничари со Оној, Кој Е по природа свет, и второ дека тварната природа се преобразува, го менува квалитетот и се покажува уште сега, пред конечниот суд како нераспадлива и вечна, но само ако влегла во евхаристијско општење со Творецот. Почитувањето на светиите, било преку светите мошти, слики или реликвии, се однесува на Бог, Кој е чудесен во своите светии.

Подготвил:
Петар М. Петковски,
студент при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s