ДОСТОЕВСКИ И ПРАВОСЛАВИЕТО

Posted on Updated on

Фјодор Михајлович Достоевски

(1821 – 1881)

 

Господи Исусе Христе, Боже наш, по молитвите на твојот раб Фјодор и на сите светии, помилуј нè и спаси нè нас грешните !

535884_10150815809819705_1053740911_n

Од мојата петнаесетта година Достоевски беше мој учител.

Признавам: и мачител

           

Воодушевен и мотивиран од овие зборови со кои и преподобниот отец Јустин Поповиќ ја започнал својата студија за Фјодор Михајлович Достоевски – започнав да го пишувам ова скромно изложување за едниот од најпознатите писатели на руската книжевност. Спрема ширината и неговото значење, особено во модернизмот, како светски писател е во рангот на Шекспир и Сервантес. Реализмот за Достоевски претставува своевремено премин кон модернизмот, затоа што неговото дело во епохата на модернизмот претставува вид или начин на пишување. Преку аспект од страна на книжевните техники неговите романи отсекогаш биле блиски со реализмот, поради тоа што опфаќа многу целини, карактеристики, драматични диалози, доминирање, философски расправи и други работи, кој го прават предвесник на модернизмот. Ги удрил темелите на психолошкиот роман, а исто така многумина го нарекуваат и предвесник на егзистенцијализмот.

Тој е и голем религиозен мислител. Неговите дела изобилуваат со теолошко – философски идеи, кои ги црпел од длабоките ризници на Православието. Достоевски низ целиот свој живот бил верен на светоотечкото предание на црквата од Исток. Најголем доказ за тоа е неговата блискост со монасите од Оптинската киновија. Како длабоко православен писател, повторно според зборовите на преп. Јустин Ќелиски „Достоевски не е секогаш современ, но секогаш е совечен.“ И навистина, тој со сите дилемите што ги отвара, длабочините до кои што продира и храброста со која тоа го прави не може да биде неактулелен, оти вечноста е секогаш актуелна. Тука лежи оправданоста на нашиот напор да се зафатиме да пишуваме за Достоевски. А за да се биде „со – вечен“, како што вели Поповиќ,  е да се биде и секогаш да се пребива во вечноста, секогаш да бидеме подготвени да ја прифатиме Божјата подадена рака. Затоа и нема вистинско време кога е актуелен и кога треба да се занимаваме со него, оти тој е севремен. Според многумина: „Достоевски е националниот философ на Русија.“

Роден е во Москва (Русија) на 30 октомври 1821 година,како второ од седумтте деца на Михаил и Марија Достоевски, кои биле потомци на белоруски унијатски племиња, кои подоцна се вратиле во Православната вера. Живеел прилично во семејство на сиромашни луѓе, бидејќи тогашна Русија се соочувала со големи кризи и условите за живот, под никој случај, ни најмалку не биле раскошни и лесни. Набрзо починала неговата мајка (1837 година),која боледувала од туберкулоза,па Фјодор и неговиот брат Михаил биле испратени во Воената академија во Санкт Петербург. Потоа во 1839 година починал и неговиот татко, под засега неразјаснети околности.Во воената академија не му одело се најдобро, та наместо тоа, заедно со својот брат цело време бескрајно многу читале и ден и ноќ. Значи повеќе го интересирала и занимавала книжевноста – отколку учењето, па се посветил на книжевноста.

Во 1846 година го напишал совето прво дело – романот „Бедни луѓе“ во вид на епистоларна проза. За ова дело добил одлични критики од многу руски критичари, а еден пак од нив (Белински) рекол: „Роден е новиот Гогољ“ стекнал голем успех, а делото му било објавено. Набрзо е уапсен и затворен на 23 април 1849 година, поради тоа што учествувал во социјалистичко утопистичкиот кружок на Петрашевски, па откако поминал цели 10 години присилена работа во Сибир, во 1860 година е пуштен од затворот. Овој период се смета за пресвртница во неговиот живот. Барајќи излез од сето тоа што му се нанесе, Достоевски ќе се сврти од политиката кон традиционалните руски вредности. Станал убедлив христијанин и голем противник на  нихилистичката филозофија. Значи, утехата и мирот ги нашол во Бога, односно во Христијанството.

По целосното излежување на казната во 1860 година од прогонство како заборавен човек во Санкт Петербург се вратил другиот Достоевски. Но, повторно мора да упознае и претрпи уште една земна тага, мака, ужасна болка, емиграција… Уште еднаш мора да се врати во безименост, уште подлабоко таму каде што бил пред да постане писател, јунак на својот народ. Набргу му починала жената, а веднаш потоа и неговиот брат. Многу се разочарал и се потресил. Во меѓувреме го започнал бесцелесното долгогодишно лутање по Европа, поради кое се разделил за некое време од Русија. Со многу маки и тешкотии си нашол свое склониште во својата мала соба – полна со боите на сиромаштијата и бедата, а демонот секојдневно го напаѓал, па долговите само го терале на работа. Уште еднаш неговото срце било разбиено, но поскоро се запознал Ана Григориевна, со која се оженил во 1867 година, во која наоѓа подршка, преку која целосно ги совладал своите проблеми и неприлики.

Во овој период ги создава и пишува своите најпознати дела со кој се издигнува како еден од најпознатите светски писатели. Во рок од 1867 се до 1871 неговото семејство стекнало некоја добра материјална сигурност и се вратиле во татковата Русија.

Од тогаш Достоевски малку разочаран и уверен дека величината на Европа е минато и дека иднината и припаѓа на Русија и Правословието сè до крајот на својот живот живеел во релативен мир и со голема надеж дека со своите  гении можи да ги победи слабостите на човештвото преку делата во кои целосно се посветил и ги разработил дел не само проблемите на неговото, туку и на нашето време. Со тоа може да се каже дека Достоевски е современ психолошки писател.

Последните години од својот живот ги поминал во гратчето Стара Руса во новогратската област, недалеку од Санкт Петербург. Својот земен живот го завршил на 9 феврури 1881 година во Санкт Петербург, поради проблемите со органите за дишење, кои бил потикнати од епилепсичните напади. После 2 дена, неговото тело било погребано во присуство на безброј луѓе, монаштво и свештенство на гробиштата Тихрин при манастирот свети Александар Невски во Санкт Петербург во Русија. Исто така се проценува дека на неговиот погреб присуствувале 40.000 луѓе кои и од најодалечените градови и земји дошле да му искажат последна почит. На неговиот надгробен споменик пишува: ,,Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земјата, не умре, останува само, а ако умре – ќе донесе голем плод (Јован 12, 24), што е епиграф на неговиот последен роман ,,Браќа Карамазови”.

Не можеме да зборуваме за Достоевски,а да не спомнеме нешто за неговите размислувања и литературни дела, како и за теолошките теми во неговите романи. Најпознати негови дела се романите: „Злосторство и казна “, „Браќа Карамазови“, „Бедни луѓе“,„ Коцкар“ , „ Идиот “, „Кротка“, „Записи од подземјето“, „Демони“, „Бели ноќи“, „Дневник“ и многу други.

Неговото творештво со текот на времето постанало синоним за длабока психолошка анализа. Делата всклопени од комбинација на обичните и секојдневни теми со универзални прашања за верата, тагата, значењето на животот, кои ги создал и ден – денес се многу живи и читани од читателите ширум светот. Настојувал неговата книжевност да биде и филозофија, и политика и теологија. Имал голем углед како писател на современата книжевност. Во своите дела тежнеел по животниот процес и важните идеи, кои ги вметнувал во разни размислувања, а застапувал повеќе идеолошки мислења, па бил најдиректно вклучен во овие актуелни дебати за самосвојноста на рускиот философски хабитус.

Првиот негов роман Бедни луѓе се појавува во 1846 година, во времето на жешките дебати за судбината на Русија. Иако овој негов прв роман е со исклучиво социјална тематика, сепак Достоевски многу бргу ќе ги напушти социјалните теми и ќе се пресели во таборот на религиозните мислители. Се залагал за таква мисла, автентична, руска, во духот на Православието, наспроти западната во духот на Римокатолицизмот. Успеал да го апсорбира и осмисли севкупното тогашно духовно искуство на Русија и да ја преживее нејзината криза, која во суштина ја гледал како религиозна.

Неможи некој да успее да го открие Достоевски, а да не е запознат со суштината на неговиот живот и неговата книжевност – со Православието. Еве неколку негови зборови, сам тој вели: „Јас верувам дека нема никој подобар, поразумен и посовршен од Христа. Со љубов зборувам – не само дека нема како Он сличен, но неможе ни да има. Постојано велам: кога некој би можел да докаже дека Христос е надвор од вистината и ако вистината го исклучила Христа, јас би останал со Христа, а не со вистината…“ Достоевски смислата на своето постоење ја наоѓа во Богочовекот, во ликот Христов, каде сите спротивност се измируват, каде конечно, не само што неговите идеите ја наоѓаат својата разрешница, туку и самиот негов дух, растргнат помеѓу небото и земјата го наоѓа своето смирение.

Но има спротвставени мислења во однос на неговота религиска определба, заради тоа во бројната литература за него ќе сретнете различни, дури и често спротивставени тврдења – од тоа дека авторот е атеист до тоа дека е ревносен верник.

Неточно е тврдењето дека Достоевски бесвесно го прифатил Христа и дека неговото книжевно творештво било како резултат на „религиозно недоразбирање“, како што тврделе некои книжевни критичари. Писател, кој е религиозно недоразбран и незрел целосно може да ги замара и примори читателите со некои непотребни работи и мислења за Бог, но никогаш нема да успее да го доведи читателот во длабочината и внатрешноста на човековата душа, во најдлабоката грешка, која ќе ја спознае и потоа ќе се покае за неа, но тој  успеал во тоа, па токму затоа изнесените критики, пак од некои критичари за „религиозно недоразбирање“ на Достоевски – повеќе говорат за самите нив и за нивната религиозна необразованост.

Тој неможе до крај да се проучи. Со сигурност го води, преку читање пазливиот читател кон доживување на едно специфично прочистување, на една духовна чистота, која барем на минута ја очистува нашата душа од наталожениот грев и ја прави да биде како детска душа. Особено е интересен неговиот пристап кон децата. И навистина, мотивот кон децата во делата на Достоевски е многу значаен, ама  нажалост на тоа не е дадено особена важност. Прв на кој Родион Раскољников после направениот грев и во почетокот на неговата психолошка борба  ја открил неговата тајна е едно дете – просјак на кое во еден тежок  период, му рекол: „Моли се за работ Божји, моли се за работ Родион“. Зашто својата голема тајна Родион ја открил на едно дете кое што не го ни познавал ?! Зошто Аљоша Карамазов ( вистинско побожно момче ) највеќе сакал да се дружи со децата и зошто Достоевски својот роман „Браќа Карамазови“ го завршува со сцена во која Аљоша ги советувал децата, да не ги забораваат другарите и нивното искрено дружење и братство, зашто тоа сеќавање кога ќе пораснат, можеби тоа ќе ги спаси нивните диши да не се оладат, помрачат и не умрат. А децата ? – Децата ги слушале зборовите на Аљоша и ја осеќале неговата Христова љубов, без никакви помисли поверувале во секоја мисла. Ете, како завршува расправијата во Карамазови, каде се расправа за злочини, страсти, превари. . . Завршува со деца. Зошто?

Во Светото Евангелие стои: „Ако не бидете како овие деца нема да влезете во Царството Небесно“ Детските души се чисти, нежни, полни со правата љубов. Но, живеејќи на земјата, човекот ја валка својата душа во гревови. Ако не ја очисти, ако не ја доведе духовна чистота и не ја уреди, та да биде онаква како што е детската душа, ќе ја изгуби својата љубов, ќе ја помеша и уништи со своите гревовни страсти. Затоа преку ликот на Аљоша ги советувал децата да не го заборават своето детство, кое тој го заборавил, бидејќи неговата душа во почетокот била заспана во спротивното од детската душа, во лад и гордост. На едно место Достоевски дури и запишал: „Јас добро знам дека насмевката е најсигурна проба на душата. Погледнете го детето: едиствено децата знаат да се смеат добро, до совршенство и поради тоа тие се привлечни.“ Поради тоа мотивот на Достоевски кон децата е толку голем.

Освен тоа интересен е и делот каде говори за човековата слобода. Според Достоевски најголемата слобода, која е дадена на човекот е од Бога. Таа слобода е во човековата волја, во тоа дали таа ќе се одлучи да го прифати и да верува во Бога. Таа слобода е многу голема, страшна да се мери со границата на човечките можности.

Достоевски застанал во одбрана на Православието од специфичните критики од страна на Римокатолицизмот и неговите водачи папите за поимот на човековата боголикост и неговата слобода. Имаме докази во делото „Браќа Карамазови “, поточно во оној дел каде што се зборува за Големиот Инквизитор и неговите учења. А одбраната за слободата од Достоевски гласи : „Да, човекот може и во овој свет да го открие Бога и својата боголикост“. Оваа мисла Достоевски ја одржувал вечно, бранејќи ја до крајот и покажувајќи ја од една страна сета човекова тежина и мака, која граничи со слободата и издржувањето во неа,  а од друга страна со полно светло и со големината преку Христовиот лик – радоста и откривањето на тајните  на  светот и човекот. Исто така го пронаоѓаме Христос, преку солзите на искреното покајание и смирение, меѓу кои две крајности – Достоевски постанал – апостол на Православниот реализам. Покајанието е основа и лек на секоја грешка, покајанието многу род раѓа, а тоа ги краси неговите делата и ликови.

Во неговите дела можеме да сретнеме и: христологија, антропологија. Исто така зборува за човековата слобода, за бесмртноста на душата, за Воплотувањето на Логосот, за злото и злосторството, за Богочовекот и човекобогот, за Православието.

Значи, Достоевски за разлика од многу други добро го познавал Православието. „Вдлабочете се во Православието“ – вели тој. „Тоа не е само црковност и обред; тоа е живо чувство. Таму се наоѓа Ликот Христов“. Сè што е православно, таинствено зрачи со благата светлост на Христовиот Лик. Словенскиот апостол исто вели: „Ликот Христов, во сета своја чистота, се сочувал во Православието“. После разновидни анархистички и декабристички лутања, Достоевски го открива Христа од Кого никогаш не се одрекол и кој силно Го возљубил, па и за Него благовести, според зборовите на ава Јустин, кој запишал: „Изгубен на Западот, ликот Христов целосно и во сета светлост на чистотата Своја, се сочувал во Православието. Затоа ништо друго не е потребно, бидејќи Православието е сè“.

 

 

Подготвил:

Петар М. Петковски,

студент на теологија  при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s