Апостолската проповед

Posted on Updated on

Собор 12 апостолов. Новгород, таблетка XV вПо Христовото воскресение и вознесение апостолите биле проповедници на верата. Тие дванаесет уште на самиот почеток ги одбрал Господ Исус Христос да бидат најнапред негови ученици, а потоа и проповедници. Нив ги одредил за свои пратеници – апостоли, кои подоцна ќе одат по светот, помеѓу сите народи, каде ќе ја проповедаат и шират Неговата наука. Тоа се гледа и од евангелските зборови Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги … Во книгата Дела апостолски подробно е опишана мисијата на светите апостоли, апостолските мажи, од кои поголемиот дел маченички пострадале за Христа, по чиј пример својата задача полни со божествена љубов најревносно и најсвесно ја вршеле низ целиот свет.

Откако Христа се вознесол во слава, апостолите собрани со вера го чекале ветувањето и веднаш го потполниле местото на предавникот Јуда со ап.Матиј, кој го избрале со ждребка. Кога слегла врз нив благодатта на Светиот Дух во вид на пламени јазици врз нивните глави ја започнале својата проповед. Тоа се случило на празникот Педесетница кога многу Јудејци од сите страни на светот се собирале во Ерусалим да го прослават празникот. Првата проповед за Распнатиот и Воскреснатиот ја изрекол ап. Петар, чии зборови биле силни и длабоко одекнале во срцата на на мнозина, па тогаш околу 3.000 присутни ја примиле верата и се крстиле. Неколку денови потоа ап. Петар и ап. Јован излечиле еден хром од раѓање, кој седел пред Соломоновиот храм. И тогаш ап. Петар одржал нова проповед. Бројот на верни постојано растел, па се достигнала бројка од скоро 5.000 верни во Ерусалим. Таму била оформена првата и најстара христијанска општина, која била создадена од самите апостоли. Заедницата била мошне примерна, а за најдобро да се одржи редот биле избрани и  седум ѓакони, кои требало како служители да им помагаат и водат грижа околу делењето на храната и да им помагаат околу работата на апостолите.

Фарисеите и јудејските старешини во почетокот не ги гонеле апостолите и христијаните, бидејќи биле збунети, но откако го забележале успехот на апостолката проповед почнале да ги гонат најнапред апостолите, а потоа и верните. Ги затворале по затвори, ги мачеле, тепале, каменувале. Така во 36/7 година прв маченички пострадал за Христа, светиот архиќакон Стефан, кој бил каменуван. После тоа убиство за христијаните настанало голема опасност. Целата општина се разбегала и го напуштила Ерусалим. Многу заминале дури во Египет и Кипар, каде основале нови црковни општини. Во таа прилика ѓаконот Филип покрстил многу Самарјани, на кои потоа било положено рака од страна на апостолите Петар и Јован.

Апостолот Петар имал дар да лекува болни и воскреснува мртви. Тој и Јован најмногу проповедале во Ерусалим и Палестина, додека останатите апостоли по Азија, Африка и Европа. Петар останал во Ерусалим за време на првото гонење, но за второто гонење (во времето на Ирод Агрипа (41/44) кога маченички пострадал Јаков Заведеев или Стариот, братот Јованов) бил осуден на смрт и пребегнал во Антиохија и Сирија, каде ја продолжил својата апостолска дејност, а најпосле во Рим. Таму за време на царот Нерон бил распнат на крст со главата надолу. Тоа се случило на 29 јуни 67 година.

Јован меѓувреме отишол во  Ефес, главниот град на Мала Азија. Се грижел за Божјата Мајка, развивајќи голема дејност. Неговата проповед зрачела со љубов, па христијаните се наситувале од прекрасните негови слова. Претрпел многу маки и прогонство на островот Патмос. Сето тоа го преживеал и дочекал длабока старост. Живеел 100 години и  е единствениот од апостолите, кој се упокоил од природна смрт во времето на императорот Трајан. Ерусалимската црква по нивното заминување ја управувал Јаков, братот Господов, првиот епископ ерусалимски.

Во почетокот апостолите проповедале само помеѓу Јудејците, но потоа започнале да проповедаат и помеѓу незнабожците, во останатите краишта. Прв многубожец, кој примил христијанство од ап. Петар бил капетанот Корнилиј и неговото семејство. Во тоа време се појавил еден нов помошник на апостолите во лицето на образованиот фарисеј Савле од Тарс Киликијски, кој бил голем гонител на христијаните. Тој не бил Христов ученик, но бил чудесно повикан на патот кон Дамаск да проповеда особено помеѓу незнабожците. По крштението најнапред бил во Арабија, па се вратил во Дамаск од каде тајно пребегал во Ерусалим, бидејќи Јудејците сакале да го убијат. Но и од таму поради жестокоста на фарисеите морал да бега во Тарс. Во 44 година заедно со апостолот Варнава оди во Антиохија, каде помагал во управувањето на заедницата. Во Антиохија верните за прв пат се нарекле –  христијани. Од тогаш почнале неговите големи мисионерски патувања. Поради големиот труд е наречен тринаесетти апостол.

Најнапред проповедал со голем успех на островот Кипар (45/6), каде го покрстил римскиот проконзул Сергиј Павле. По тој повод го заменил своето јудејско име Савле со римското Павле. Освен во Кипар со необична ревност проповедал и основал многу цркви по разни места во Мала Азија, Тракија, Македонија, Грција и Рим, а можеби и во Илирик и Шпанија. При апостолската дејност најмногу се задржал во Коринт, Ефес и Рим. Се издржувал сам, со сопствената рака, плетејќи, а претрпел многу страдања и маки. Павле имал доста непријатели, а особено помеѓу Јудејците, кои го чувале обредниот Мојсеевиот закон, бидејќи проповедал дека законот нема никаква важност. Потоа поради тој спор бил свикан Апостолскиот собор во Ерусалим, во 51 година. На тој собор, освен апостолите зеле учество и преставници на верниците и било одлучено дека сосема е непотребно на покрстените да им се наложува обредниот закон. Тогаш уште повеќе ап. Павле бил намразен, па во 59 година една група Јудејци сакале да го убијат по секоја цена. Бил спасен од римската власт, која го затворила и го држела две години во затвор во Кесарија. Од таму бил преместен во Рим по свое барање како римски граѓанин, каде сакал да му се суди. Таму успеал да ја зацврсти веќе постоечката црковна општина.  Пострадал маченички, заради Христа.

Другите апостоли исто така ја ширеле Христовата наука. Апостолот Андреј, брат на ап.Петар, кој бил наречен Првоповикан проповедал во Кападокија, Галатија и Витинија, а според некои извори и во јужна Русија. Пострадал маченички, распнат на крст во грчкиот град Патра. Светиот ап. Тома проповедал во Индија, каде бил избоден со пет копја. За ап. Филип се знае дека бил од Витсаида. Проповедал во Фригија, а се упокоил во градот Јерапол. Апостолот Вартоломеј исто така го ширел христијанството и тоа во Ерменија и Арабија. Пострадал маченички за верата.

Апостолот Јуда, брат на Јаков праведниот, кој уште е наречен Тадеј проповедал во Едеса и Месопотамија. Со него е врзано преданието околу Неракотворниот образ. Проповедал и во Ерменија. И тој пострадал со маченичка смрт. Свети Симон Кананит проповедал на Кавказ и во Грузија. Матеј, пак во почетокот живеел помеѓу Јудејците, каде проповедал, но потоа патувал и проповедал  помеѓу незнабожците. Не се знае каде и како го завршил својот живот. Апостолот Јаков Алфееф или Малиот според сведоштвото на бл. Теодорит развил апостолска дејност на југот од Палестина и во Египет.

Заслугата за брзото проширување и распространување на Христовата наука низ целиот свет токму им припаѓа на светите апостоли, кои низ целиот свој живот ревносно проповедале насекаде и покрај сите мачења, кои ги претрпиле. Скоро сите маченички пострадале. За нивните заслуги се крунисани со светителски венци.

 

Подготвил:

Петар М. Петковски,

студент на теологија при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s