Важноста на Светото Писмо за православните христијани

Posted on Updated on

5Преподобен отец Јустин Ќелијски (Поповиќ)

Светото Писмо донекаде е биографија на Бога во светот. Во него Неопишливиот донекаде се опишал Себеси. Светото Писмо на Новиот Завет е биографија на овоплотениот Бог во овој свет. Во него е опишано како Бог за да им се покаже на луѓето Себеси, го испратил Бог Логосот (Словото), Кој се вооплотил и постанал човек и како човек им покажал сè што има Бог, сè што Бог сака со овој свет и со луѓето во него. Бог Словото го открил планот Божји за светот и Божја љубов кон светот. Бог Словото им го покажал Бога на луѓето со помош на зборовите, ако човековите зборови можат да го опфатат недофатливиот Бог. Сè што му е потребно на овој свет, и на луѓето во него Господ кажал во Светото Писмо. На сите прашања Он во него дал одговор. Нема прашање, кое може да ја мачи човечката душа, а за него во Светото Писмо да не е даден или посреден или непосреден одговор. Луѓето не можат да измислат повеќе прашања, од колку што има одговори во Светото Писмо. Неможеш ли да најдеш одговор во Светото Писмо на некое свое прашање, значи дека си поставил безмислено прашање, или не си умеел да го читаш Светото Писмо и од него да извлечеш одговор.

Во Светото Писмо се наоѓа биографијата на секој човек, секој без исклучок. Во него секој од нас може да се пронајде детално себеси, подобно опишан и прикажан: сите свои доблести и мани, кои ги имаш и можеш да ги имаш и немаш, ќе најдеш патишта, кои ги има твојата и сечија душа, кои одат од гревот кон безгрешноста и сиот пат од човекот до Бога и од човекот до ѓаволот. Ќе најдеш начини како да се ослободиш од гревот, ќе најдеш, со еден збор, сета историја на гревот и грешноста, и сета историја на правдата и праведниците. Во него ќе најдеш лек за сите свои пороци и мани и храна за сите свои доблести и подвизи.

Што повеќе човекот го чита и изучува Светото Писмо, сè повеќе и повеќе наоѓа причини што подолго и непрекинато да го проучува. Тоа е, според зборовите на светиот Златоуст како мирислив корен, кој колку повеќе расти – сè повеќе мириса.

А, како да го читаме Светото Писмо ?

Молитвено, со стравопочит, бидејќи во секој збор има по капка вечна вистина, а сите зборови го сочинуваат безграничниот океан на Вечната Вистина. Светото Писмо не е книга, туку живот, бидејќи нејзините зборови се дух и живот (сп. Јован 6, 63), затоа можат да се разберат ако нив ги направиме со духот – свој дух, и со животот – живот свој. Тоа е книга, која се чита со животот – практикување. Прво се доживува, па разбира. Тука важи онои Спасителски зборови: Кој сака да прави[1], ќе разбере дека оваа наука е од Бога (сп. Јован 7, 17). Извршува, за да разбере. Тоа е основното правило на православната егзегеза. Во почетокот обично човекот брзо го чита Светото Писмо, па потоа сè побавно, додека најпосле не би почнал збор по збор, бидејќи во секој збор ја открива бескрајната вистина и неизкажливата тајна. Секој ден прочитувај најмалку по една глава од Стариот и од Новиот Завет, но споредно со тоа практикувај по една доблест. Практикувај додека не ти стане навика … Главно е: читај го Светото Писмо што повеќе. Она што разумот не го чуствува, срцето ќе го почуствува; не разбира ли ни разумот, ниту срцето, ти сепак читај, бидејќи читајќи ги сееш зборовите Божји под своите уши, а тие таму нема да пропаднат, туку постепено и незабележително ќе преминат во природата на твојата душа, и за тебе ќе биде компактна Спасителовата парабола за човекот, кој сее семе на земјата, и спие и станува ноќе и дење, и семето никнува и расте, без тој да знае (Марко 4, 26 – 29). Главно е: сеј, а Бог е Оној, Кој дава и прави посеаното да израсне (1Кор. 3, 6). Само не брзај со успехот, за да не би испаднал сличен на човекот, кој денес сее, а утре веќе сака да жнее.

На Страшниот Суд ќе им се суди на оние, кои не ги слушале зборовите Божји и потешко ќе им биде на Судниот ден, отколку на Содом и Гомор (Матеј 10, 14 – 25). Пази на Страшниот Суд ќе се бара од тебе да дадеш сметка, за тоа што си направил со зборовите Божји, дали си ги слушал и прифатил, дали на нив си се радувал или страмел. Ако си се страмел, и Господ ќе се устрами од тебе кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели (Марко 8, 38). Малку се човековите зборови, кои не се пусти и празни, затоа се малку оние, поради кои нема да бидеме осудени (Матеј 12, 36).  За тоа да го избегнеме, треба да ги учиме и научиме зборовите Божји од Светото Писмо, да ги направиме свои, бидејќи Бог и затоа ги соопштил на луѓето, за да тие ги примиле, а преку нив и самата Вистина Божја.

Во секоја Спасителска парабола има повеќе вечност и непролазност отколку во целото небо и целата земја со целокупната нивна историја. Затоа Он рекол: Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат (Матеј 24, 35). Тоа значи: во Спасителските зборови е Бог и сè Божјо, затоа и неможат да преминат. Ако ги прими човекот, тој станува непролазен наспроти небото и земјата, бидејќи во нив има сила, која го обесмртува човекот и го прави вечен. Изучувањето на зборовите Божји, и исполнувањето, го прави човекот заедничар (роднина) со Господа Исуса Христа. Тоа Он сам го објавил кога рекол: Моја мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат (Лука 8, 21). Тоа значи: слушаш ли, ги читаш ли зборовите Божји – половина си брат Христов; ги извршуваш ли – ти си потполн брат Христов. А тоа е радост и привилегија поголема од ангелската. Изучувајќи го Светото Писмо, под ушите се излива некое блаженство, кое не личи воопшто на ништо земно. За тоа Спасителот говорел кога рекол: Блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат (Лука 11, 28).

Во сево ова, главно е, најглавна е – верата и чуството за љубов кон Господа Исуса, бидејќи под топлината на тоа чуство се отвора тајната на сите зборови Божји, како што под топлотните сончеви зраци се отвора круната на миризливото цвеќе.

Амин.

 

Дел од предавањето одржано на братскиот состанок

на Богословското богомолитвено братство Свети Сава,

во Сремски Карловци – 22. 12. 1929 година;

 

превел : Петар М. Петковски,

студент на ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

[1] Врши, твори, извршува ;

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s