За современото човештво

Posted on Updated on

верни архим. Софрониј (Сахаров)

Создавањето на слободни личности го содржи во  себеси творечкиот ризик. Недостатокот  од надворешната детерминираност создала можност за повлекување на созданието, т.е. да се изврши падот со последователната трагедија во целата историја на  нашиот свет.

Хуманизмот, кој се појавил во епохата на ренесансата, одново содржел елементи на христијанско влијание, но негов основен импулс било уметничкото и културното творештво, инспирирано од класичната епоха на античка Грција. Истовремено со тоа се родила експерименталната наука.

Понатамошната еволуција на хуманизмот била поврзана со сè поголемо оддалечување од Бога и појавата на култ кон човекот: сè се создава во името на човекот, кој станал највисока вредност во суштината на светосозданието. Не е тешко да се види во тоа движење преродба со нова сила во човечката историја на падот во рајот. Секој хуманизам, како последица на делумното или потполното оддалечување од Бога го деградира нивото на човекот – и тој се претвора во производ на природата, подвластен на космичките стихии, како и на сопствените апстракни идеи.

Адам Сечовекот, создаден според образот на својот Создател, за да живее по Негово подобие, всушност нема друг избор, освен да го оствари во себе  образот и подобието, да го усогласи живот со волјата на Создателот. Бог, Кој е апсолутно Битие, не можел да му покаже поголема чест на Адам од оваа да му предложи нему и на неговите потомци да живеат вечно со Него. Оттука, хуманистите се во право кога го сметаат човекот за венец на созданието, но допуштаат грешка, бидејќи не сфаќаат дека не можат да го создадат својот свет, отфрлајќи Го својот Творец. Тој нивен пат ги фрла во она ништо, од коешто се земени. Христијанството како богочовештво е највисоката форма на хуманизам. Човекот Христос (1 Тим. 2, 5) ни ја открил оваа тајна до совршенство.

Подоцнежната форма на хуманизмот – философската, навидум научно оправдана, создала конфликтен однос помеѓу Бога и човекот. Пред две илјади години, кога Бог ја примил нашата плот, Он бил убиен со срамна смрт. А сега –  Бог умрел. Почнува култот на човекот: сè се содржи во човекот, сè е само поради него. Верниците на друг начин се убиваат!

Последиците на таа нова форма на пропаст се: тоа дека човекот станува роб на сопствените креации: државата, науката (секогаш премногу релативна), на своите апстрактни  философски идеи или идеологии; и уште пострашно –  на произведените од него машини. Напуштајќи Го Бога, човекот сам си создава непријатели, од кои првиот е државата. И нема излез од тоа. Колку што поорганизирана и посилна е државната машина, толку побрз и пожесток е процесот на обезличување на луѓето. Затоа може да се каже дека христијанството станува непријатно за деперсонализираната држава.

Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете (Јован 14, 19). Ќе живеете вечно со Бога и во Бога како вистински образ на Апсолутот, како комплетни личности: Петар, Јован, Андреј, Павле и итн.

Бог е еден во Троица од Лицата, Коишто ја носат полнотата на апсолутното Битие. Почетен сјај, одраз на таа Светлина, бил даден во текот на првите години на христијанството: А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го нарекуваше свое, туку сè им беше заедничко … Апостолите, пак, со голема сила сведоќчеа за воскресението на Господ Исус Христос, и имаше голема благодат над сите нив. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа, и ги ставаа пред нозете на апостолите: и секому се даваше според неговите потреби (Дела ап. 4, 32; 34-35). Од Писмото станува јасно дека тие чувства меѓу верниците се последица на излевањето на Светиот Дух врз нив: Но Петар рече: Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да сокриеш дел од земените пари за нивата? Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излажа луѓе, туку Бога! (Дела ап. 5, 3-4)

Тоа било почеток на нов начин во животот за човештвото –  живот во согласност со заповедта: Возљуби го својот ближен како самиот себеси. На прашањето од законикот: А кој е мојот ближен? (Лука 10, 29), Господ со парабола наведува дека тоа е Самарјанинот (Лука 10, 30-37). Во контекст на тоа време Самарјаните биле непријатели на Евреите. Целосната смисла на оваа парабола е дека секој човек, целото човештво се мои ближни, мој живот. Токму тоа е христијанскиот персонализам, личноста, образ на Апсолутот, Кој ја носи во Себеси целата полнота на човековото битие: еден е нашиот Отец, Кој е на небесата, а сите ние сме браќа (спореди: Матеј 23, 8-9).

Во историјата на нашиот свет, само во монашкото општожитие гледаме како, според примерот даден во Делата на светите апостолите, оние коишто поверувале во Христос доаѓаат слободно и се соединуваат во групи, кои го почитуваат тој принцип. Но колку што ми дозволува мојот повеќе од половина век монашки опит, ќе кажам дека дури и во манастирите не се спроведува докрај вистинскиот евангелски комунизам. Тоа е така, бидејќи втората заповед можат да ја почитуваат само оние кои достигнале бестрастие на всеобемната љубов. Што можеме да очекуваме тогаш од марксистичкиот комунизам? Тој им е наложен на сите граѓани преку континуирано насилство и така, наместо рај, создава неподнослив пекол: државата се претвора во заеднички, за целото население – затвор. Најниските луѓе во интелектуалниот или моралниот однос градат апарат за сеприсутното насилство. Токму тоа го гледаме денес во претензиите на комунистичка идеја за доминација во светот. Следбениците на оваа лошо замислена доктрина, колку и чудно да е, се сметаат себеси за највисоките хуманисти. За тоа, се разбира, придонесува и фактот дека тие се противници на другата форма на легализираното злосторство – демократскиот капитализам. Отворената ѕверска борба помеѓу овие два типа похумани социо-политички системи доведува до енормно многу страдања за поголемиот дел од човештвото. Капитализмот ги гради своите дворци на море од крв, врз планини од трупови, давајќи извесни слободи на некои слоеви од општеството. Комунизмот ги прегазува сите видови слободи: на совеста, на мислата, на живеалиштето, на учеството во светската култура, на комуникацијата со претставниците на светските цивилизации, на печатот и друго слично на нив. Сè е подмачкување преку терор, насекаде владеат духовно инфериорни елементи, погазувајќи ги  сите нормални права на човекот.

Историјата на светот е исполнета со нерешливи противречности. При откажувањето на човештвото од Христос апокалиптичниот крај ќе биде неизбежен: светот ќе изгори во оган, создаден од самите луѓе. Богочовечки христијански процес опфаќа сосема незначителен дел од човештвото. Но, можеби токму тој избран дел од луѓето, кои страдаат поради љубовта, е поентата на Историјата. Секој спасен од Христос, човек, е неминливата вредност.

Сите кои до ден денешен не сакаат да достигнат одвнатре, со разумот, со духот, дека човештвото е едно по својата суштина, а продолжуваат да се стремат кон власт и доминација над собраќата, ќе бидат принудени да го признаат тоа единство, како што тоа ќе им биде наметнато однадвор преку силата на историските или есхатолошки настани.

Но, тоа што луѓето ќе ја сфатат еднаквоста со своите соработници однадвор, преку принуда, не му ја носи на човекот Светлината на вечниот живот, бидејќи таа Светлина е светлината на богоподобната слобода. Кога луѓето одвнатре, во духот на Христовите заповеди, стигнуваат до ова познание, тогаш таквото братство е вистинско остварување на Царството Божјо на земјата. А кога братството е последица на надворешна насилна принуда, тоа добива извртена форма: тоа е лишено од љубовта и слободата, а исполнето е со претходните внатрешни поделби и омрази.

Сè постигнато на лош начин – сè ќе загине!

Христос рекол за Себе: Јас сум Вистината, Патот и Животот. И тие трите се едно. Невозможно е Вистината – добро  да биде постигната преку неправда, насилство, лага или убиство.

 

Извор: http://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100789/catid,67/id,10094/view,article/

Извадок од книгата:

Раѓање за непоколебливото Царство –  издание на Издавачката куќа Омофор;

 

превел: Петар М. Петковски,

студент на теологија при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s